Заев за Денот на албанската азбука: Јазикот e дел од генетскиот код на еден народ
Јазикот и негова соодветна азбука се дел од генетскиот код на еден народ и се произлезени од универзалното право на самоопределување.
Во тој генетски код се елементите на идентитетот и потенцијалите за комуникација, општествена интеграција, за образование и развој, порачува премиерот Зоран Заев во негова честитка по повод Денот на албанската азбука.
Тој вели дека посебноста на јазикот е европска вредност која треба да се негува.
„Наша должност, должност на државата е да ги почитува, чува и негува посебностите на јазикот и писмото на секоја нејзина заедница. На тоа нè повикуваат и европските вредности, како вредности што ги прифативме како наши на патот на нашата интеграција во Европската Унија – вели Заев.
Со чествувањето на Денот на албанската азбука, порачува премиерот, се потврдува заедничката определба за почитување и за унапредување на етничката и културната разноличност што е богатство на Северна Македонија.
„Во оваа пригода сакам да упатам порака до сите граѓани на Република Северна Македонија дека моделот за иднината започнува со почитувањето на сите народи и етнички заедници. Тоа е европски начин. Тоа е и нашиот начин -вели Заев.