Бодликава жица околу ЕУ
Речиси би било сулудо човек сега, особено сега, да се впушти во анализи – а впрочем, „аналитичари“ кај нас колку сакаш! – на оваа садомазохистичка реалност викана pro et contra премиерот, бившиот претседател (и некогаш премиер), интерниот партиски хаос (главно во владејачката партија) и определбите за едниот или за другиот… и сето тоа како одличен ветар во едрата на речиси распаднатото криминално здружение маскирано како политичка партија, сега повторно ококорено со сиот натрупан гнев и омраза во очите. И кој им ја пружа таа нова шанса? Е па сите ние, ние/тие кои требаа да ги залепат на ѕидот на срамот за никогаш повеќе глава да не кренат, а не да филозофираат за распродавање на државни и национални интереси, за предавства и слични тричарии. Иако ни другите две – точно: две – страни, оние во веќе расцепената владејачка партија, не се воопшто подобри: едната страна, се чини со право, хистеризира за непромислениот (велат тие) чин, втората се обидува да (од)брани нешто речиси неодбранливо, дури и со помош на таква „тешка артилерија“ како што се дел од македонските „аналитичари“. А во суштина, повторно се врзуваме во орото на веќе познатите македонски црнила на поделби, едни против други па кому иде – ножот, се разбира! – не сакајќи малку трезвено да размислиме за сите опции, за сите ситуации, без радикални pro et contra едни или други. Но, таква ни била и историјата, таква ни е и сегашноста!
Прилично збунувачки прозвучуваат разногласијата дури и во самиот врв на владејачката партија, но што е уште полошо, и во самиот државен врв, помеѓу министрите во владата, помеѓу влијателни луѓе во македонската политика (или „политика“, којзнае што е посоодветно?). Притоа, повторно е очигледна дополнителната поделба на националното ткиво, во случајов на она коешто придонесе, помалку или повеќе, во соборувањето на криминалниот режим на бегалецот во Будимпешта – на сите рамништа, во сите сегменти, во сите слоеви. Како секој да мора да каже за која опција е, за кого се определува, особено во т.н. интелектуални кругови кои, уште еднаш, покажуват дека се само кругови, но не и интелектуални, за жал. И сето тоа на радост на криминалцине кои, повторно, гледаат своја шанса, шансата што ние самите им ја даваме! Ова, за жал, а според квалитетот на „играта“ и „играчите“, по којзнае кој пат наликува на некаков македонски потсојуз – фудбалски, ракометен, кошаркарски… политички или каков сакате друг – каде фрустрираните партиципиенти и хистеризираната публика водат меѓусебна војна до истребување!
Сето ова пак ме води кон една друга мисла: знаеше ли источниот сосед што ќе предизвика со ваквото негово однесување, со небулозните историско-идентитетски идиотштини, претпоставуваше ли како ќе реагира македонското национално ткиво, како ќе се однесува политичкиот врв и нивните партиски приколки, сметаше ли на веќе легендарната македонска самобендисаност и суета и уште на редица други нешта кои ама баш никако не можат да се поврзат со умно и разумно однесување, уште помалку со – државничко? Сметаше ли таа (мора да признаеме) умна и итра (а божем ние го имаме Итер Пејо!) политика (без оглед колку е „неука“ и “приземна“!) на источниот ни сосед на самодоволноста на македонските политичари и политиканти, на нивната веќе апсолвирана одбојност кон стручноста и експертизата во сите области, вклучетелно и сензитивната историја и надворешна политика? По којзнае кој пат тие, самодоволните македонски политичари и политиканти, знаат се’ и не мора никого да слушаат, како што впрочем беше и во поголемиот дел од овие триесет години независност. Оттука и (разбирливо) се’ погласните прашања дали македонската политика – и внатрешна и надворешна, подеднакво – има некаква одговорност кон граѓаните? Никој не мислел дека сето ова ќе оди мазно и бргу, ама вака? Следствено, не може а да не се постави прашањето дали навистина македонската политика, и актуелната и минатата подеднакво, ги беше предвидела сите можни пречки на македонскиот историски пат кон НАТО и Европската унија, па следствено и дали навистина објективно сме ги испитале сите наши опции во таа насока, дали е срамота во даден момент да се побара и странска експертска па и политичка помош во вака (навидум) безнадежни ситуации итн. Дали има крај на нашите прескапи „храбри одлуки“, и уште колкава цена треба да се плаќа? Од друга страна, и тоа мора да се нагласи, сега во малку поинаква светлина гледаме и на некои не така дамнешни „пробни балони“ од – веќе е јасно – локални „професорски“ шушумиги кои, во едно друго време, тешко ги разведувавме и од Југославија, сега уште потешко од Бугарија, ама ете, денес и тие, или тој, како сакате, ликува(ат) и повторно, без срам, дели совети.
Но, да се вратам на „неуката“ и “приземната“ – наводниците се намерно ставени – политика на принуда на источниот ни сосед којашто, мора да признаете, просто боде очи со својата историска аналфабетност. Или, поинаку поставено, можно ли е денес, возрасни луѓе, на врвни државни позиции, да продаваат таква историска магла што веќе и врапците им се смеат? Можно ли е некој од себе да прави таков кловн, да говори такви будалаштини и доброволно да прима шамари дури и од сопствената научна елита, како што тоа се случува со нивниот министер за одбрана, министерката за надворешни работи и др.? Дали ние сериозно сме размислиле за оваа нивна (нова) домашна и меѓународна историска хаварија, ова детско и уличарско навредување на соседот чијашто независност први ја признаа, или тука се крие и нешто друго, нешто се’ уште неискажано, ама – очигледно, барем за оние кои сакаат да гледаат одоколу? Дали сите овие историски и јазично-идентитетски „пречки“ не се само нова ЕУ фасада – или бодликава жица, ако сакате – за македонското „напредување“ кон рамноправно членство во Унијата? Дали после сите отворени и (почесто) дипломатски двосмислени критики токму од европските политички првенци, на коишто ние, нормално, не реагира(в)ме ни со малиот прст, дали после се’ ова е само логичен продолжеток, или крај, на нивното трпение со нас? Прашањето е само зошто, повторно, е поставена таа бодликава ограда само за нас?
Но, уште еднаш, има ли македонската политика одговорност кон граѓаните да ги испита сите, па и најбезначајните опции што конечно би ни го отвориле патот кон Европа, или се поважни нивните суети и кавги, нивните позиции во партиите и државата? Дали навистина мислевме дека после „Преспанскиот договор“ се’ ќе оди како подмачкано, па сега сме изненадени? Изненадени можеме да бидеме ние простосмртните кои гледаме од страна (иако некогаш, се чини, гледаме подобро) но оние кои со години се платени да гледаат се’ и да мислат на се’ не може/не смее да бидат изненадени. И нас да не’ подготвуваат за тоа и такво изненадување. Не, после се’, особено не после „Преспанскиот договор“! Или, ако ги оставиме за миг можните тези за европски одговор низ бугарска уста на нашите пристапни преговори за рамноправно членство во Унијата (коишто, сепак, никако не се за потценување!), останува прашањето дали навистина македонската држава направи се’ што е во нејзината моќ не само да предвиди некои нови можни пречки туку и да истражи соодветни одговори? Да истражи, на пример, каква улога има тоа НАТО во случајов и дали може да помогне, да ја потенцирата „американската карта“ искажана уште пред десетина дена а сега само потврдена од Рикер, да проучи (што на нашиве им е најтешко, се разбира) како соседството (Грција, Србија, па и Романија) се однесува кон „бугарскиот проблем 1941-1944“? Сето ова нема ли да ни даде некои и некакви нови знаци на патот по којшто сме тргнале?
Златко Теодосиевски