Интервју со Лина Ќостарова Унковска: Потребна ни е точка на пресврт

Ветото од Бугарија е освестување, непријатно, но корисно, по кое треба да излеземе со јасен и достоинствен став, и свртување кон себе, вели Унковска интервју за ДВ на македонски јазик.

Знаци на колективна траума, живот свртен кон минатото, хроничен страв од рециклирање на историски неправди кои може да ни ја загрозат иднината… Ваква е атмосферата во која подолго време живее македонското општество, а доживеа кулминација по бугарското вето. Ја потхрануваме ли и самите ваквата состојба, и како да излеземе од неа? Одговорите ги побаравме во разговор со г-ѓа Лина Ќостарова Унковска, реномиран клинички психолог со специјалност во психологијата на траума, основач на Центарот за псхосоцијална и кризна акција од Скопје, кој веќе 20 години работи со заедници под ризик.

ДВ: Живееме во атмосфера на колективна траума, во постојани стравови или заплашувања од губење на идентитетот. Се чини дека ова не е акутна, туку речиси хронична состојба. Што ја држи оваа траума во толку силна кондиција?

Лина Ќостарова Унковска: Колективните трауми, губитоци и страдања, многу слично на индивидуалните трауматски искуства, не исчезнуваат со времето што изминува, туку напротив, доколку останат отворени и недоречени, добиваат својство на секогаш одново пресликување на натрупаните болни сеќавања, со сѐ помали шанси за разрешување. Афективниот набој на колективната меморија е тој што идентитетски поврзува цели народи, групи и поединци, без самите активно да учестувале во неговото создавање. Тој станува бремето што мора да се носи и поднесе, но и да се пренесе, за да „не се заборави”.

Историјата е преполна примери од колективни идентитети врзани за трауматски искуства со идеолошка предлошка и безброј поделби на победници и губитници, херои и предавници, наши и ваши, особено по воени конфликти и прогонства, но и во услови на долготрајни општествени кризи. Секој обид за излегување од полето на болката и на сопствената заробеност во минатото, носи повреди и загуби. И неисполнетите очекувања се загуби, и затворањето очи или искривувањето на вистината е загуба (на реалноста), како што и вината и срамот на генерациите потоа, претставуваат загуба.

ДВ: Како да се дојде до точката на пресврт? Што е примарно за излегување од замката на тоа трауматско искуство?

По повод ветото на Република Бугарија деновиве слушаме за примерите на Германија, Франција, Полска, Грција, Јапонија, Америка, Русија и многу други. Сите тие имаат „нешто” што не можат да заборават. Разликите меѓу нив се големи, не само во тежината на делата што како нации и држави ги сториле и преживеале во минатото, туку и по она што ја прави нивната денешна позиција поднослива и достоинствена во справување со сопствениот историски товар на силни, фрустрирачки чувства од кои се плашат и сакаат да се ослободат. Човек кој не знае како се одвиваат овие процеси останува затечен, вчудоневиден и слаб пред моќта на афективниот набој што опстанува со генерации, со силина да разруши сѐ, дури и самите себе. Со други зборови, препознавањето и признавањето на чувството, фокусот на себе како дел од релацијата со „другиот“, како и умешноста да се одговори на заканата, се примарни за излегување од замката на колективното трауматско искуство. Дури потоа, може да се смета и на поддршката, заштитата, од надвор. Никако обратното. Но, претходно треба свесност, треба подготвеност и храброст за соочување со предизвикот, за што е потребна информираност и препознавање на моментот на зрелост за промени, кој често лежи токму во контрадикторноста на понудата, во екот на кризата. Ветото на Бугарија е токму таков момент на пресврт, на контрадикција со самото себе, со пријателската рака што божем ја нуди, ако се плати цената на „дилот“. Бугарското вето ја покажа разурнувачката моќ со намерата да изнуди и уцени пријателство! Неподготвени сме и затечени, но дали мора да останеме така? Македонците имале доволно кризи во својата историја, за да учат и да го научат излезот од нив, но никогаш не успеале да се ослободат од својата подредена, инфериорна положба во однос на другиот, од која најмногу капитализирале профитери од сопствените редови. А можеле и морале досега да се обидат, да свртат лист.

ДВ: Зошто не успеваме да го свртиме тој лист – недостиг на храброст, на самодоверба или …?

Колективната траума е релациска состојба, силно поврзана и пресликана во „другиот“, како одраз во огледало, на врската жртва – егзекутор. Најдобар пример на успешно надминување на таквата асиметрично поставена релација, од која и страна да е погледната, е Преспанскиот договор, кој за обете страни во спорот, беше единствено искуство на рамноправно воден процес, со висок респект и грижа за чувствата на другиот. Беше потребно едновремено соочување со минатото, реалноста и иднината, но и храброст да се понесе висок политички и личен ризик по изнајденото решение. За таквиот договор беше неопходно напуштање на стартните фиксирани позиции на жртва и насилник, на двете страни.

Но, тоа не беше доволно Северна Македонија трајно да ја напушти позицијата на губитник. Ниската самодоверба во сопствените можности и капацитети, и чувството на беспомошност, како одбранбена позиција, со надежен поглед кон иднината што некој друг треба да ја обезбеди, остана да биде доминантната слика за македонскиот народ и неговите политички лидери. Далеку од победничка и достоинствена, ваквата самонегирачка позиција нема добитна комбинација, и никакви околности тоа нема да го променат.

ДВ: Kако сега да излеземе од бесполезната афективност и да продолжиме понатаму?

Северна Македонија во ветото од Бугарија мора да препознае отрезнувачки момент, или како што професорот Панајотов го нарече „моментот на освестување“ за вистинските намери на бугарската официјална политика, која долги години се подготвува „заостанатите” историски побарувања и повреди да ги наплати токму сега, пред вратите на Европа. Тоа се тие критични, контрадикторни точки на пресврт што во секоја криза носат потенцијал на развој, на кои не застануваме изненадени, разочарани, или помирени со тоа што не снашло, туку бараме друго, и трето решение. Нашиот одговор на бесмислените барања мора да биде јасно и недвосмислно СТОП, ако сакаме да продолжиме. Стоп на одењето по слепи улици од кои нема излез, стоп на уцените и изживувањата, и на ставањето сопки на било чиј развој. Стоп на генерализациите и вулгарниот говор на омраза (во реакциите на социјалните мрежи), стоп на помирливото докажување кои сме и зошто сме (во интервјуто на премиерот), што не сведува на истата инфериорно – безизлезна позиција. Штетата по нашето пријателство е веќе направена, и ние треба да продолжиме заедно, но не преку корекцијата на таа штета, туку на сосема поинаков, нов начин. Мораме да престанеме да одговараме на уцени и условувања на пријателството. Мораме да го смениме јазикот на комунукацијата. Мораме да го активираме достоинството, и да ја вратиме еднаквоста во нашите односи. Но, како да останеме достоинствени надвор, со толку изгубена верба во себе, и толку лоша слика за себе „дека не не бива”? Токму соочувањето со себе и инвестициите во себе, се вториот (иако подолг) одговор на сегашната блокада, со што можеме да почнеме веднаш и од било каде.

ДВ: Причини за темелно ресетирање сме имале и досега, но се чини дека никогаш колективната енергија не била насочена целосно кон тоа, туку повеќе кон внатрешни поделби…

Во последните 30 години, Република Северна Македонија бавно напредува. Политички незрела, таа ги потроши речиси сите свои ресурси, наместо да ги умножува. Тоа се покажа во негрижата за општото добро, во поврзаноста на политичкото и бизнис профитерство, како и во систематското бришење на сопствената институционална меморија, при секоја смена на власта. Тоа ја направи заложник, во зависничко – поданичка релација со „другиот“, моќен и влијателен, како гаранција за нејзиниот опстанок. Оттука, вложувањето во континуиран развој на заедницата, индивидуален и колективен, е првата претпоставка за излез од зависничката криза (од другиот). Од потполна зависност до точката на сепарација (автономија) и зрелост, единката и колективот мораат да достигнат одредени нивоа не само на економски, туку и на когнитивен, афективен и социјален развој, за успешно преминување на секоја наредна развојна фаза. Втората клучна работа, што сосема изостанува од македонската приказна е просторот за индивидуално и колективно учество во промените, со сопствени влогови, ризици и одговорности, што недостига во речиси сите сфери на живеењето, во изминатите 30 години. Од целата историја на македонскиот народ, можеби единствениот период на омасовено автентично учество, со големи влогови, жртви и искуства на успешност, и крупни, лично извојувани промени во животот на луѓето, е антифашистичката војна. Тоа учество го обележа еманципаторскиот раст на македонските борци за слобода, не само во победата над фашизмот, туку и во единственото искуство на креирање на сопствените животи, засновани на еднаквост и единство, што повеќето го доживеаја, можеби за прв пат. Во последните 30 години, огромниот потенцијал на тоа еманципаторско искуство се потроши во името на квази-борбата за „независност“ и одбраната од измислени непријатели, со закани и страв што го исцедија социјалниот капитал, а од заедницата и луѓето направија сиромашни, уплашени поданици на шака моќници, кои разграбаа се што имавме.

ДВ: Каде е грешката што не успеваме да го запреме тој тренд, и да го свртиме тркалото во посакуваната насока?

Со импровизирани, неуки раководства, преку организиран криминално – профитерски режим, до заглавеност во централистичко – партиско владеење на божем мултикултурализмот, со се помали можности, знаења и сеќавања за моќта на индивидуалното, еманципаторско учество на граѓанинот во градење на сопствената држава, стасавме до тука. Мал исклучок и светла точка, останува искуството на „Шарената револуција” во соборување на режимот, но таа немаше снага за уште еден исчекор на македонскиот граѓанин од традиционално-патријархалната заробеност.

Ветото од Бугарија е освестување, непријатно, но корисно, по кое треба да излеземе со јасен и достоинствен став, и свртување кон себе. Да го оставиме бугарскиот естаблишмент да се препелка во сопствената одговорност за наметнатата блокада. Тие, а не ние, да продолжат да чекаат одговор на бесмислените барања, со кои невнимателно се истрчаа. Колективните трауми ќе бидат успешно разрешувани со темпото со кое ќе ја развиваме заедницата, во која ќе останува се помал простор за нивна злоупотреба и манипулација. А тогаш, кога ќе го почувствуваме достоинството во своите ставови и одлуки, ќе можеме да ги активираме и старо-новите релации, со нови значења и мостови, на културата, на социјалната, на трговската и на академската размена на најквалитетното што го имаме на двете страни.

Back to top button
Close