Терај храбро, ич да не ти чуе
м-р Глигор Стоименов
“Па јели то могуче људи моји“, врескаше на сиот глас легендарниот спортски коментатор Младен Делиќ во далечната есен 1983 година, кога Југославија ја победи Бугарија на Пољуд во Сплит и се пласираше директно на Европското фудбалско првенство во Франција наредната 1984 година. Паметам добро, иако имав само осум години колку скокаа сите од радост, еуфорија беше насекаде, особено овде во Македонија беше лудило, што да Ви кажам. Бев малечок, некако ми помина детството на плоштадот Маршал Тито (сега Македонија), гледајќи директно низ мојот прозорец кон штафетата на младоста, мислев дека поголем Југословен од мене нема, но сега кога гледам не сум бил во право, многу Југословени во оваа наша Македонија имало.
По интервјуто на премиерот Зоран Заев за БГНЕС и се она што се случуваше деновиве, тој фудбалски настан ме наврати некако во сеќавањата кога ја победивме Бугарија во фудбал, но сега ова лудило по интервјуто е доста поинакво од она фудбалското, заеднички е само противникот, Република Бугарија. Не можам да разберам и сакам да прашам, што Ви е бре луѓе Вам, што се случува со Вас, го разбирам до некаде оној бес и гнев на нашиот народ, но ова лудило што се случи не можам да го разберам, само поради едно интервју, алооо!
Па дали некој ја продаде Македонија? Дали ја распарчи? Дали некој ни го продаде идентитетот? Што се случи не знам, што згубивме од тоа интервју, зошто сите реагираат непромислено како во толпа, стварно не ми е јасно.
Сакам овде нешто да ги прашам сите оние кои непромислено рипаат во некој “патриотски вознес“ и плукаат деновиве, сите оние дежурни аналитичари кои се чувствуваат навредени и изненадени, сите оние бивши и сегашни функционери на кои као нешто не им е јасно па се прашуваат што се случило, сите нив треба да ги прашаме многу работи?
Не знам дали многумина од Вас мислат дека Зоран Заев туку така се разбудил еден ден и му текнало ај сега ќе дадам интервју со кое ќе го нервирам мојот народ и ќе си го уништувам мојот политички рејтинг! Секако дека не е така. Тоа интервју сигурно дека беше добро испланирано, се подразбира во комуникација со другата страна и со нашиот најголем стратешки партнер, кои секојдневно работат на овој спор, додека вие мрчите и врескате. Тоа го потврди и писмото на Филип Рикер кое беше со јасна и недвосмислена поддршка кон владата, на кое што беше прецртано официјалното обраќање до премиерот и беше додаден ракописот на високиот американски дипломат, во дипломатијата тоа значи изразување на поддршка и чувство за блискост, сега кој сака разбира, кој не ќе разбере. Тоа интервју на премиерот беше дадено повеќе за бугарската страна, за нивната публика таму, за да подотвори некои врати и да избие од рака некои аргументи на поединци од бугарската влада, тоа се вика политика и дипломатија, ако не сте знаеле. Се прават големи напори ако може уште сега во декември да се надминат некои прашања и несогласувања иако е тешко, краток е периодот, ако пак не се успее сега во декември бар да се постават основи таму до пролет да се затвори конечно овој спор. Треба да знаете дека некој се бори и се жртвува секојдневно! За да ја извлече оваа земја и да ја стави на прав колосек, За да бидеме земја која ќе почне да преговара со ЕУ за полноправно членство, За да бидеме земја со иднина, а не да се правиме паметни и да мудруваме на фејсбук како сме тоа ние големи патриоти, ма све мој до мојега.
Каде го загубивме идентитетот во тоа интервју, што беше тоа што е погрешно кажано, ајде да видиме?
Зарем верувате дека може на една нација да и биде загрозен идентитетот од едно интервју, ма какво и да е, зарем стварно верувате? Па каква е таа нација тогаш? Јас потполно ги разбирам луѓето, особено кога ќе бидат подбуцнати од политичари кои се во очај и нема што да загубат, на кои што популизмот и лажниот патриотизам им се единствена алатка и со една хистерија и пискотници се обидуваат да го спасат престолот во сопствената партија, но не можам никако да ги разберам оние искусни “доајени“ во македонската политика што се истрчаа онака боси на сто метри шпринт, нив не можам да ги разберам, освен ако немаат поинакви намери, ќе покаже времето пред нас, ќе видиме.
Што беше погрешно кажано? Зарем не е точно дека имаме заедничка историја? Зарем не е точно дека за време на СФРЈ учевме една “идеологизирана“ историја во која се држеше некоја изнасилена дистанца кон Република Бугарија па денес запрепастувачки е тоа колку од луѓето не ја познаваат сопствената историја, само плукаат а ништо не читаат. Зарем не е точно дека не треба Бугарија постојано да ја нарекуваме фашистичка земја, да точно е, била во еден период (1941-1944) на страната на фашизмот, како што беше Италија, како што беше Германија, Јапонија, па никој веќе не кажува за нив дека се фашистички земји, па Европа се помири и го затвори ова прашање, алооо. Мислам дека ова го дообјасни и премиерот утредента по интервјуто. Тоа беше впрочем и намерата како што јас гледам во самото интервју, да се намали оној непријателски вокабулар со оние историски теми кон соседната земја и да се гледа кон иднината како и да се омекне малку политички работата таму, тоа беше самата смисла на интервјуто, а не пак дека некој ќе ја дели и распарчува Македонија, тоа се будалаштини.
Па кој може да го негира и спори постоењето на македонската нација и македонскиот јазик, затоа воопшто никогаш не се преговарало и не се преговара, кој што сака од другата страна нека коментира за дневно политички поени тоа нема ништо да промени, нашиот јазик и нашата држава се факт, затоа да ги замолиме овие наши хистерични патриоти од опозицијата да престанат да го мафтаат македонскиот народ со некакви протести на кои има се помалку луѓе затоа што народот ја разбира оваа манипулација на опозицијата, особено после денешниот дебакл од протест мислам дека веќе нема ниту да излегуваат на улица, толку беше.
Но ајде да бидеме искрени, зар ова интервју беше причина за вакви реакции и пискотници? Сигурно не. Причина беше тоа што многу политички губитници намирисаа “крв“, намирисаа дека сепак може нешто да се случи и до декември па да ги почнеме преговорите, па си викаат ајде да удриме сега, сега му е мајката! Знаат дека луѓето се емотивни и осетливи на овие теми кога се работи за нашата држава, за нашиот идентитет, за нашата историја, па спискаа како заулавени. Абе гласот го изгуби Христијан викајќи по улиците како бил голем патриот па ќе не бранел од Бугарија, истиот тој што со наведната глава пред Бојко предеше како маче, па кога го праша Бојко ,, Поткрепиш ли ти договорот? поткрепим, поткрепим, вели он, па сега рипа дека ќе ја спасувал Македонија. Спискаа и оние “големи патриоти“ некои новинари, колумнисти да кубат коси како е готово, отишла земјата јабана, врескаат некои аналитичари, аналитичарки, све тезгаџии кој до кој, не им верувајте, многу им е гајле нив за Македонија, ама некако се мислам дека се истрчаа за џабе. Не им верувајте ниту на оние претставници од опозицијата што излегуваат по емисии, инаку поранешни големи бугарофили за кои Љубчо се изјасни дека му се гади од нив, навистина треба да продолжи со име и презиме да ги бламира во јавноста околу тоа што мислат за Бугарија приватно, а што мислат сега јавно кога се “патриоти“, односно големи “Југословени“.
Зачудува многу и она појавување на Бранко, навистина не знам зошто. Сметам дека е доста искусен политичар кој молчеше долго време за многу поголеми и позначајни работи што се случуваа во нашето општество, сега пак за едно интервју да излезе толку изненаден и увреден, чудно малку, како едвај да чекал нешто вакво па да удри по своите, ќе видиме понатаму, можеби е само емотивна реакција можеби има нешто друго.
Но гледам и вмровците многу се израдуваа на Бранко, повеќе од што на Христијан му се радуваат, па сега нешто као еве Бранко ќе ги руши. Како прво оние што ги нарекуваат “ Бранковисти“ на кои им се радуваат од опозицијата не се никаква ниту формална, ниту неформална фракција, па ниту голема сила таму, ова се повеќе ми личи на кафеански муабети од типот дека еве сега Бранко заедно со оние олигарси, со Орце, со Трифун, па сега и ујдисан со Христијан ќе го руши премиерот, мало сутра дека ќе го срушат. Сепак повеќето од овие луѓе се зрели и искусни поранешни функционери за кои што не верувам дека би ја напаѓале сопствената партија, освен тоа што не го сакаат, ниту пак го поднесуваат Зоран Заев и го оговараат низ цело Скопје веќе со години, за друго не верувам дека нешто сакаат и можат да направат повеќе.
Сето ова почитувани е борба за власт и за политичко преживување на поединци, како и материјал за добра тезга за некого. Македонија ниту ќе се распарчува, ниту продава, јазикот и идентитетот се нешто за што никој не преговара, впрочем сите ќе се уверат во тоа. Назначувањето на професорот Владо Бучковски за специјален пратеник за спорот со Бугарија е одличен потег и го поздравувам. Македонија еден ден ќе биде дел од ЕУ, убеден сум во тоа.
Зоран Заев треба да продолжи храбро понатаму, ич да не му чуе.
Да не му чуе ниту за овие лажни и театрални пискотници на Христијан кои ќе завршат неславно, ниту за оние спорадични напади од некои ткн “Бранковисти“, ниту за некои мудрувања од многу квази патриоти, експерти, суетни новинари, аналитичари кои бараат тезга, ако успееме во декември добро, ако не ќе се продолжи со оваа политика и притисок со сите сили да се изнајде решение таму до пролет. Тој ја има поддршката на мнозинството од македонските граѓани, ја има поддршката од меѓународната заедница и од нашиот најголем стратешки партнер САД, треба едноставно да продолжи и да опстои на досегашната добра верба и оптимизам, со силна дипломатска офанзива се ќе си дојде на своето место, друго нема.