Мицотакис: Со правилни мерки, ќе успееме да се справиме и со вториот бран од пандемијата
Вториот бран се покажа како поголем предизвик за нашата земја, но, јас сум оптимист дека со правилни мерки ќе можеме да се справиме и со вториот бран, истакна премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис за време на неговото учество на Грчкиот економски Самит организиран од грчко –американската трговска комора, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис потенцираше дека од витално значење е да не се поткопа продуктивниот капацитет и динамиката на земјата, бидејќи очекува „многу брзо закрепнување кога ќе заврши пандемијата, а пандемијата ќе заврши кога ќе биде вакциниран значителен дел од популацијата“.
Надеж дека земјата на пролет ќе излезе од здравствената криза, грчкиот премиер изрази за време на дискусијата со претседателот на Универзитетот „Колумбија“ Ли Болингер.
-Очекувам дека до пролетта во 2021 година ќе излеземе од здравствената криза и очекувам многу силно економско закрепнување што ни е потребно за што е можно поскоро да го надополниме загубеното, закрепнување што се забележува во повоените периоди. Можеби тоа е и соодветниот сооднос. Сакаме да бидеме подготвени, кога ќе заврши Ковид, Грција да биде една од земјите што ќе излезат посилни од оваа криза, а располага со доволно ресурси за да продолжи да ја поддржува економијата за време на пандемијата, барем до пролет, рече Мицотакис.
Во однос на рестриктивните мерки, грчкиот премиер објасни дека одредени економски активности, нема да можат да продолжат со работа сѐ додека не пристигне вакцината, а како пример го спомена ноќниот живот, велејќи дека гужви во баровите и ноќните клубови не може да има додека не започне вакцинацијата.
-Можеби во одреден момент ќе има можност да се отворат рестораните, со одржување на соодветните растојанија, секако може да се разгледа отворањето на малопродажбата, но некои ограничувања ќе бидат апсолутно неопходни сè додека не ја најдеме вакцината, објасни грчкиот премиер.
Грција, официјално до понеделник е во карантин, меѓутоа сè поверојатно е дека рестрикциите ќе бидат продолжени за уште една седмица, односно до 14 декември.