Филмови на Митко Панов во Кинотека од 8 до 10 декември
Кинотеката ќе прикаже пет филма од режисерот, сцанерист и продуцент Митко Панов од 8 до 10 декември. Филмската ревија ќе почне во вторник од 18 часот со краткиот документарец „Со кренати раце“ од 1985, негов студентски филм во полска продукција, кој во 1991 доби „Златна палма“ на фестивалот во Кан за најдобар краткометражен филм. Во продолжение на првата вечер ќе бидат пркажани и играниот филм „Ливада“ од 1998 и документарниот „Земјаци“ од 2000 година.
Наредниот ден, 9 декември, од 18 часот во кинотечната сала ќе биде прикажан неговиот игран филм „Војната заврши“ од 2010 година, а на 10 декември во истиот термин и играниот „Сведок“ од 2018-та – македонско-швајцарско-ирска копродукција, во кој познатиот актер Бруно Ганц ја оствари својата последна главна улога на филм.
Митко Панов ќе биде присутен на проекциите и ќе одговара на прашањата на публиката. Панов (1963) студирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Од 1983 до 1988 студирал филмска режија на Високото државно училиште за филм, телевизија и театар во Лоѓ, Полска. Предава филм на универзитети во САД и Европа.
– Меѓу неговите студенти бил и режисерот Стив Меквин од Англија, оскаровец и еден од најуспешните режисери. Остварувањата на Панов се емитувани на голем број телевизиски станици како PBS, А & Е, ZDF, Channel + и Channel 4. Првиот негов краток филм „Леб и сол“ е снимен во 1986 во бродоградилиштето „Ленин“ во Гдањск, местото каде што во 1980 година е формиран синдикатот „Солидарност“ и жариште на демократките промени во Полска во 1980-тите години… За краткиот документарец „Бериќет“ (кој е дел од трилогијата „Човекот и трудот“) во 1995 на фестивалот Исмаилија во Египет доби Гран-при за режија. Екранизацијата на романот „Пиреј“ на Петре М. Андреевски останува негов сè уште неостварен филмски сон, соопшти Кинотеката.