Евентуалното бугарско вето нема да ја наруши безбедносната состојба во државата, вели Спасовски
„Институциите функционираат нормално и сите елементи од безбедносниот сектор се насочени кон тоа да ги зачуваме мирот и безбедноста на граѓаните. Мирот и безбедноста немаат цена. Што се однесува до преговорите, ние како влада правиме напори за на принципиелна основа да постигнеме компромис на отворените прашања, секако дека секој има право и можност како ќе постапува во тој дел“,
рече Спасовски.
Тој вели дека Владата останува посветена на европски пат и дека ќе направи сѐ за да ги реализираме овие европски аспирации. Повтори дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет се нешто за што никој нема право да разговара.
„Можеме да разговараме за сите други прашања што претставуваат некаков интерес, меѓутоа не и за прашањата кои се наш идентитет и наш јазик. Историјата ќе ја оставиме на историчарите и тие нека разговараат за тоа што се случувало во минатото. Ама не смееме да останеме заробени во минатото, туку треба да гледаме во иднината. За нас како влада, за мене лично како политичар, е многу важно каква перспектива ќе оставиме на нашите деца, на младите генерација. Кон тоа треба да бидеме насочени“,
порача Спасовски.