Герасимовски: Иновациите во земјава повеќе доаѓаат од граѓаните, отколку од фирмите, иноваторите мора да бидат препознаени и поддржани
Иноваторите се оние кои нудат решенија на проблемите со кои се соочуваме како општество, одговори на тешките прашања од кои зависи иднината и развојот. Во изминатиот период тоа на сите ни стана јасно и овие креативни умови, нивните дела, мора да бидат препознени. Токму затоа сум силно решен конечно како држава да воспоставиме еден континуиран систем на поддршка и да им помогнеме да успеат да ги реализираат и пласираат своите производи.
Ова во интервју за МИА го истакнува директорот на Државниот завод за индустриска сопственост Горан Герасимовски кој наведува дека и покрај вонредните услови на функционирање поради пандемијата забележана е добра реализција во првата половина од годината.
– Досега во ДЗИС имаме регистрирано вкупно 1229 домашни патенти. Минатата 2019 година, имавме вкупно 45 регистрирани домашни патенти, од кои 17 правни и 28 физички, а оваа година досега имаме вкупно 36, од кои осум правни и 28 физички. Како што гледате, во суштина повеќето пронаоѓачи во Северна Македонија прават самопроизводство и токму затоа е многу важно да им се помогне. Од друга страна имаме компании кои имаат и по вкупно 26 регистрирани патенти од своето основање, но такви за жал ги немаме многу, истакна Герасимовски.
Тој соопшти дека заклучно со октомври 2020 година поднесени се 899 пријави за патент од кои 858 европски пријави и 32 домашни пријави, 1015 пријави за трговска марка од кои 651 домашна пријава и 364 меѓународни пријави за трговски марки. Исто така, поднесени се и над 20 пријави за индустриски дизајни. Во истиот период, ДЗИС има издадено 876 решенија за признавање на правото на патент и 1020 решенија за признавање на правото на трговска марка.
Неодамна се одржа традиционалната манифетација МАКИНОВА, која е посветена на домашните иноватори. Наградите беа доделени, а се покажа дека беа насочени кон она што е најактуелно пандемијата со Ковид-19. Ги следат ли трендовите македонските иноватори и што друго понудија?
Пронајдоците се најчесто одговор на потребите на заедницата. Во таа смисла оваа година видовме значителен број производи наменети да помогнат во справување со здравствената криза. Трите награди кои ги доделивме оваа година во рамки на манифестацијата МАКИНОВА се однесуваат на респираторна машина, систем за контрола на оддалеченост и одржување дистанца со користење ултра звучни сензори и пронајдок соларна лежалка. Посебно признание доби и производот мултифункционален уред за брза дезинфекција на големи простори, со чија помош се зголемува безбедноста на вработените во фабрики, конфекции и слични работни средини каде што има повеќе луѓе. Голем дел од овие уреди имаат двојна намена, односно се приспособени да вршат функции што ќе помогнат во борбата со вирусот. На пример уредот за одржување дистанца исто така им помага на лицата со попречен вид да навигираат во просторот, уредот за дезинфекција го прочистува воздухот и така натаму.
Во суштина иноваторите се оние кои нудат решенија на проблемите со кои се соочуваме како општество, одговори на тешките прашања од кои зависи иднината и развојот. Во изминатиот период тоа на сите ни стана јасно и овие креативни умови, нивните дела, мора да бидат препознени. Токму затоа сум силно решен конечно како држава да воспоставиме еден континуиран систем на поддршка и да им помогнеме да успеат да ги реализираат и пласираат своите производи.
Дали има влијание развојот на земјата во однос на иновациите што може да се понудат дома?
Досега во ДЗИС имаме регистрирано вкупно 1229 домашни патенти, а бројот на странски патени кои влегуваат во државата е драстично поголем. За секој странски патент се влеваат средства во државниот буџет, а секој домашен патент е уникатна можност за развој на нов, иновативен бизнис кој потенцијално ќе ја стави нашата земја на мапата. Така што би рекол дека развојот на земјата е тесно поврзан со патентите што се нудат. Од една страна вложуваме во иновации за да го забразаме развојот, а од друга страна пак развојот дава поповолни услови за иновации и пласирање на нови производи.
Колку пронаоѓачите добиваат поддршка од институциите за да развијат една иновација?
Заштитата на права е многу важна, таа е еден вид на основа за лансирање нов, иновативен производ. Ова е главната обврска на Државниот завод за индустриска сопственост и тука би сакал да истакнам дека работиме примарно во два аспекта – подигнување на јавната свест и подобрување, односно олеснување на процесот на заштита на правата. Со истакнување на потребата и бенефитите од заштита на правата се зголемува бројот на корисници, а од друга страна со воведување поефикасен систем, што вклучува дигитализација и помалку административни процедури, се подобрува искуството на корисниците. Но, заштитата не е крај на приказната, туку напротив таа е само почеток. Како држава потребно е да воспоставиме блиска соработка меѓу сите институции кои работат во областа на претприемништво, интелектуални права, кои работат со иноватори и млади таленти за да направиме еден одржлив систем кој ќе им даде на пронаоѓачите поддршка и насока во секој чекор од процесот на заштита до успешен пласман на производот. Ова е иницијатива која веќе ја започнавме и се надевам целосно ќе ја реализираме за време на мојот мандат. Крајната цел е да ги соединиме институциите, да ги обединиме нивните надлежности и да овозможиме целосна поддршка на иновативните умови.
Дали иноваторите имаат соработка со домашните компании или пак иновациите ни завршуваат надвор. Колку патенти се регистрирани како домашни во последната година?
Минатата 2019 година, имавме вкупно 45 регистрирани домашни патенти, од кои 17 правни и 28 физички, а оваа година досега имаме вкупно 36, од кои осум правни и 28 физички. Како што гледате, во суштина повеќето пронаоѓачи во Северна Македонија прават самопроизводство и токму затоа е многу важно да им се помогне. Од друга страна имаме компании кои имаат и по вкупно 26 регистрирани патенти од своето основање, но такви за жал ги немаме многу.
Токму затоа ДЗИС ќе работи на промоција на услугата пред-дијагноза за правата од индустриска сопственост. Ова е всушност активност за подигнување на свеста за правата од индустриска сопственост насочена кон малите и средни претпријатија со мало или никакво искуство во индустриската сопственост. Целта е да се промовира индустриската сопственост како алатка за развој на бизнисот, да се обезбеди анализа на статусот на индустриската сопственост на малите и средни претпријатија, да се потенцира вредноста на политиката за индустриската сопственост за компаниите, да се предвидат конкурентските предности генерирани и да се дадат препораки за дејствување и надлежностите потребни за нивно спроведување.
Како КОВИД-19 влијаеше на вашата работа и на што ќе се фокусира Заводот следниот период?
Државниот завод за индустриска сопственост, и покрај вонредните услови на функционирање наметнати од КОВИД-19 пандемијата, забележува добра реализација во првата половина од годината.
Заклучно со октомври 2020 година поднесени се 899 пријави за патент од кои 858 европски пријави и 32 домашни пријави, 1015 пријави за трговска марка од кои 651 домашна пријава и 364 меѓународни пријави за трговски марки. Исто така поднесени се и над 20 пријави за индустриски дизајни. Во истиот период ДЗИС има издадено 876 решенија за признавање на правото на патент и 1020 решенија за признавање на правото на трговска марка.
Импресивна бројка, знаејќи низ што се поминавме во првата половина од оваа година. Работевме под посебни протоколи, со цел да го заштитиме здравјето и на корисниците и на вработените. Паралелно, правиме сериозни напори за дигитализација и поедноставување на услугите – потреба која беше дополнително истакната изминатиот период. На овој начин ќе овозможиме да се скратат и олеснат процедурите и да се зголеми пристапноста на услугите што ги нудиме.
Во следниот период ќе делуваме на повеќе полиња – подигнување на јавната свест за заштита на правата од индустриска и интелектуална сопственост, подобрување на нашите услуги, стекнување партнерства со инсистуции и здруженија кои работат во сродни области, како и борбата против сивата економија.