Култура на дијалог
“Ако си внимателен на крајот, како и на почетокот, ќе го спречиш неуспехот”Лао Це
Почетните деструктивни процеси на црквата Св.Ѓорги во Курбиново,се појавени во 2001година.За состојбата на архитектурата алармиравме до надлежните институции повеќе пати во изминатите години. Во 2012 година година во рамките на проектот “Мониторинг на културното наследство и неговиот мулти етнички карактер” (финансиран од ФООМ) извршивме увид во состојбата.Заради значењето на споменикот, увидот во состојбата беше вршен во четири наврати, се’ со цел откривање на сите индикации и причинители за правилно насочување на идните програмирања. Тогаш е констатирано дека пукнатините на сите четири страни се активни и се прошируваат со тенденција да го загрозат живопиост. Состојбата на најзначаните споменици кои беа предмет на увидот, вклучително и на Курбиново, ја презентиравме на изложбата во просториите на КИЦ во Скопје, во јануари 2013година.Истата година изложбата пропратена со трибини беше презентирана во Куманово, Велес, Тетово, Битола и Ресен.Во 2013година, Завод-Музеј Битола ги отпочна неопходните работи во функција на изработка на Проект за конзерваторско-реставраторски работи на архитектурата. Споменикот беше обезбеден со времен покрив и поставена скела околу објектот и во внатрешноста. Во 2016година, Завод-Музеј Битола доби Решение за издавање на заштитно-конзерваторски услови за проектот „Конзервација и реставрација на архитектурата на црквата Св. Ѓорѓи – с. Курбиново – Ресен“ (УП бр. 08-1154 од 18.11.2016 г.) а во 2017 година започна реализацијата на првата фаза од проектот “Заштита на фрескоживописот на црквата Св. Ѓорѓи во селото Курбиново – Ресенско”. Во текот на реализацијата на проектот беше вршен тековен конзерваторски надзор од стручно лице ( В.П.) определено од НУ-Национален конзерваторски центар,Скопје. Извештајот од надзорот ( бр. 08-113/7 од 13.07.2017 г.) се совпадна со мојот ангажман како посебен советник за заштита на министерот за култура Роберт Алаѓозовски (јули 2017г.- декември 2018г.).
На цитираниот извештај, следеше реакција на раководителот на конзерваторските работи (М.Т.) и уште еден анекс на конзерваторскиот надзор(В.П.).Овие документи содржеа различни ставови на инволвираните лица околу процесот на работа на превентивната заштита на живописот.Пројавените различни ставови за еден ист проблем беа индикативни за преземање соодветни мерки. Како постапивме тогаш? Во рамките на надлежностите на Министерството за култура како орган на управа, доставивме ургенција до НУ Национален конзерваторски центар – Скопје, во врска со потребата од вршење увид на предвидените и тековните работи за 2017 г. на проектот Заштита на фрескоживописот на црквата Св. Ѓорѓи во селото Курбиново – Ресенско (бр.31-8006 од 5.09.2017г.). НКЦ – Скопје, како матична институција за следење на работите околу заштитата на најзаначајните недвижни културни добра,издаде Решение за формирање на стручна Комисија (бр. 08-113/11 од 13.09.2017 г.). Извештајот на стручната комисија (10.10.2017) претставуваше база за отворање на стручен дијалог на сите инволвирани страни.Министерството за култура беше само медијатор.Отпочаниот дијалог траеше се’ до изготвувањето на Проектот за конзервација и реставрација на архитектурата на црквата Св.Ѓорги во с.Курбиново и позитивниот извештај од стручната контрола (08-1/5 од 20.2.2020).
Во месец септември 2020 кога Ирена Стефоска стапи на функцијата министер за култура,Завод- Музеј Битола веќе имаше обезбедено Конзерваторско одобрение и еден неуспешен тендер за отпочнување на првата фаза од проектот.Ова се факти кои се проверливи а нивната презентација нужност,заради лошиот таjминг и деструктивниот начин на отпочнување на работите во декември 2020. Kога овласетно лице од министерството за култура ќе изјави декa се доцни со конзервацијата на Курбиново,треба да се потсети на хронологијата на настаните презентирана погоре во текстот.И кога ќe се повика на своето триесет годишно искуство и повторно ќе изјави дека за Курбиново секој ден е драгоцен,треба да знае дека “секој ден е драгоцен” за превентивно обезбедување на објектот а не за реставрација!Исто како што би требало да знае дека рестварацијата на еден ваков репрезентативен споменик е сложен и долготраен процес.Од сруга страна, мораме да се согласиме дека е оправдана реакцијата на јавноста за доцнењето со конзервацијата и реставрацијата на Курбиново.Нo кога работите ќе започнат погрешно, секое поправање бара дополнително време. Сега на крајот, кога конечно има резултат треба да се постапува во духот на мудриот Лао Це :,, ако си внимателен на крајот, како и на почетокот, ќе го спречиш неуспехот,,!
Напорот на министерката за култура да покаже видливи резултати во првите сто дена е исто така легитимен.Дури и со користењето на Курбиново!Но, она што е недозволиво се преземените мерки.Отпочнувањето со реализцијата на проектот во месец декември е крајно ризичен зафат и посебниот советник за заштита бил должен тоа да и’ го предочи!
Од тие причини реагиравме,укажувајќи на опасноста од ризикот на кој е изложено Курбиново и понудивме дијалог кој не беше прифатен.Но тоа не значи дека треба да се откажеме.Ние и понатаму повикуваме на дијалог и крајна внимателност.Укажуваме на потребата за негување на култура на дијалог, а не препукување од позиција на сила и вештачко создавање на две страни.Нема и не смее да има две страни доколку имаме една цел – спасување на Курбиново!А за да го спасиме Курбиново треба да градиме култура на дијалог.Само со почитување и размена на релевантни аргументирани мислења на малкумината професионалци со кои располага државата може да се спаси не само Курбиново, туку и многу други “ невини и незаштитени црквички” (З.Т,) на кои им е потребна нашата помош!
Д-р Донка Барџиева Трајковска