Прочистувањето на правосудството прв приоритет во „Акција 21“

Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција ги промовираше 10-те приоритети на Владата за следната 2021 година, наречени „Акција 21“, а како прв на листата го посочи прочистувањето на правосудството.

-Во финалето сме на длабоките и суштински реформи во правосудството преку ефикасно и објективно прочистување на судството и обвинителството. Стигнавме до тука после тешка битка со противниците на правдата. За некои од нив, за Мицкоски на пример, во неколку наврати јавно чувме дека се единствени на браникот на криминалот – го знаевме тоа, затоа беа против Законот за јавно обвинителство кој како владејачко мнозинство го донесовме во Собранието, рече Заев.

Како резултат на тој закон, како што истакна премиерот, предметите за висока корупција се живи и тие добиваат и ќе добиваат судски разрешници. – Високи функционери, министри, веќе издржуваат затворски казни за тешки кривични дела. Изминатава година од страна на Судскиот совет биле покренати 80-тина предмети, а осум судии биле разрешени. Процесите се почнати, нема назад, додаде Заев.

Говорејќи за моделот за прочистување или филтрација, посочи дека е во завршна фаза и дека на него работеле првенствено претставници на Судскиот совет, на Советот на јавни обвинители, со поддршка на академската јавност и дека токму тие ќе го усвојат моделот што сами го креираат и што ќе го спроведуваат.

-Ќе се ревидираат цели досиеја. Секој судија ќе биде оценуван. Ќе има листа на критериуми кои ќе се прегледуваат за сите судии: Како воделе постапка, како изведувале докази, како се сослушувани сведоци и особено во врска со одредени постапувања по предмети кои беа доведени до застареност со одлагање. Сите тие работи ќе ги поминува Судскиот совет или Советот на јавните обвинители и сето тоа во утврдена временска рамка и транспарентност, истакна Заев.

Најави дека ќе иницираат носење законски измени врз основа на кои Јавното обвинителство ќе мора редовно и постојано да ја информира јавноста за својата работа и за напредокот во предметите кои ги следат граѓаните и за коишто постои посебен јавен интерес.

-Тука пред сѐ мислам на предметите од организиран криминал и корупција, како и други предмети од јавен интерес. Целиот процес ќе оди во фази и постепено, ама ќе се проверат сите, рече Заев и додаде дека во оваа активност е вклучена и проверка на имотната состојба на судиите и обвинителите од страна на Државната комисија за спречување на корупција.

Паралелно на овој процес, како што најави премиерот, на почетокот на наредната година, најдоцна на пролет, се очекува да започне и ЕУ мониторингот на судските случаи од висок профил, околу 50 предмети годишно, во кој ќе учествуваат стручни лица од странство и домашните експерти ангажирани од ЕУ и ОБСЕ.

-Ние сме прва држава во регионот која од Европската Унија побара веднаш да ја стартува иницијативата за мониторинг на судските предмети врзани за високата корупција. И тоа никако нема да зависи од стартот на преговорите со ЕУ, истакна Заев

Back to top button
Close