Кинеските производители планираат извоз на 400 милиони дози вакцини
Кинеските производители на лекови постигнаа договори со други земји за испорака на 400 милиони дози вакцини против коронавирусот.
Трите водечки кинески компании, „Синофарм“, „Синовак“ и „Кансино Бајолоџикс“, имаат договори за снабдување со земји од Латинска Америка, Средниот исток и Азија, покажуваат податоците на британската компанија за анализа на научни податоци „Ерфинити“ и американскиот „Дјук Глобален центар за иновации во здравството“.
Пекинг, истовремено, даде дипломатско ветување дека вакцините произведени во Кина ќе бидат „глобално јавно добро“ за земјите во развој, наведува СЦМП.
Во написот на СЦПМ, меѓудругото, се отвора и прашањето како Пекинг ќе ги усогласи плановите за извоз со вакцинацијата на домашното население од околу 1,4 милијарди лица.
Според кинеските здравствени власти, некои од кинеските фарамцевтски компании кандидати за вакцини собрале доволно податоци за привремена анализа на третата фаза од испитувањето и тие биле доставени до регулаторите.
Кина веќе почна со испораката на вакцини во земјите ширум светот, пред се во земјите кои помогнаа во клиничките испитувања, како што се Бразил и Индонезија.