ЦУК и академската заедница почнуваат интензивна соработка
Проректорот на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ Марјан Ѓуровски од Факултетот за безбедност-Скопје оствари работна средба со директорот на Центарот за управување со кризи на Република Северна Македонија Стојанче Ангелов.
Ѓуровски и Ангелов се договорија за изнаоѓање на начини и форми да се интензивира соработката на Центарот за управување со кризи и академската заедница во земјата преку нејзино директно вклучување во процесот на реформи и трансформација со оглед на потребата од креирање на интегрален систем за управување со кризи, соопшти Универзитетот „Св.Климент Охридски“.
На средбата се разгледа информацијата за текот и структурата на студиската програмата на прв циклус на студии со насоката Безбедност и кризен менаџмент и студиската програма за втор циклус на студии за кризен менаџмент на Факултетот за безбедност, како и слични наставни содржини и програми на другите единици на Универзитетот.
Било разговарано во систематизацијата на постојните работни места на ЦУК да се вградат и земат предвид звањата што ги добиваат студентите по дипломирањето во областа на безбедноста и управувањето со кризи.
На средбата беше изнесена информација дека Факултетот за безбедност-Скопје врз основа на претходно успешно реализираниот проект за вонредна состојба во услови на пандемија во Северна Македонија, сега започна од Факултетот за безбедност-Скопје да се реализира научно-истражувачки проект „Функционирањето на безбедносниот систем на Република Северна Македонија во кризна и сложена безбедносна состојба – менаџирање и справување со кризи“, по чие завршување ќе се излезе со конретни предлози и препораки.
Целта на проектот е да се утврдат евентуалните критични области во безбедносниот систем на земјава во кои се потребни елементи за позитивна промена, меѓу другото и во делот на кризниот менаџмент и заштита и спасување. Воедно да се дојде до предлози и можни решенија за градење ефикасен безбедноснен систем каде интегрален дел е управувањето со кризи и заштитата и спасување во Северна Македонија и креирање соодветна безбедносна политика. Проектот треба да одговори на прашањата за кои постои интерес во научната и општествената јавност од предизвикување и начинот на справување со последната пандемија, опасности и ризици во Република Северна Македонија во услови на кризна состојба на целата територија на државата.
Универзитетот „Св.Климент Охридски“ и неговите единици ќе се вклучат во издавачката дејност на ЦУК во функција на зголемување на фондот на научно-стручни публикации и литература за потребите на вработените на ЦУК, професорите, студентите, стручната и општа јавност во земјата. Директорот на ЦУК Ангелов е договорено да одржи предавање пред студентите на Факултетот за безбедност-Скопје.