Собранието транспарентно да ги избере членовите на Комисијата за заштита од дискриминација, бара МЗД
23.12.2020 11:21
202 1 минута читање
Мрежата за заштита од дискриминација (МЗД), која е составена од десетина организации, бара Собранието да спроведе транспарентна постапка за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), кои треба да бидат професионални, искусни и натпартиски лица.
Барањата на МДЗ доаѓаат во пресрет на завршување на огласот за избор на членови, на 24 декември (утре).
„Собранието по завршувањето на огласот, а со цел запознавање на јавноста, е потребно да направи низа чекори кои се предуслови за спроведување на отчетна и фер постапка за избор, водејќи сметка на квалитетот и на искуството на избраните кандидати“, нагласуваат од МЗД.
Тие бараат парламентот во најбрз можен рок по завршувањето на огласот да спроведе јавна расправа на која ќе се претстават кандидатите на КСЗД и на истата претставници на здруженијата и медиумите да можат да им поставуваат прашања и да дискутираат.
Јавно, на веб-страницата на Собранието, да се објават биографиите на кандидатите седум дена пред одржување на јавната расправа, дебатата односно интервјуата со кандидатите да се емитуваат во живо на Собранискиот канал, се дел од понатамошните барања.