Ѓоргиевски: 43 проценти од буџетот на новата Еразмус програма ќе биде наменет за високо образование
Како да се зборува со младите генерации“ е насловот на конференцијата што денеска се одржува во организација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
На конференцијата воведно обраќање имаше в.д. директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Марко Ѓоргиевски кој посочи дека се во исчекување на Еразмус чаптерите за новата програма.
– Вчера доцна ги добивме информациите и начелно се позитивни со тоа што сите високообразовни институции ќе добијат известување и од Европската комисија и од нас како Национална агенција. Сакам да го поздравам политичкиот договор на ниво на Европската комисија за новата програма 2021-2027 година кој изнесува 28 милијарди евра, со тоа што тоа е рекорден износ, а со тоа ќе имаме и ние придобивки, рече Ѓоргиевски.
Тој соопшти дека од вкупно 26 високообразовни институции во нашата држава, 24 активно учествуваат во програмата Еразмус плус во делот на високо образование.
Буџетите за високо образование од 2014 до 2019 година, како што информира, се зголемени за 150 проценти. Во 2014 година буџетот изнесувал 970 илјади евра, а за 2020 година тој ќе изнесува 2,4 милиони евра, што според Ѓоргиевски претставува огромен пораст.
Влезните мобилности во нашата држава, како што додаде, се поголеми во однос на излезните што значи дека нашите универзитетити покажуваат дека имаат капацитет за да можат да доаѓаат странски студенти, меѓутоа и наставен кадар.
– Согласно статистиките со кои располага Националната агенција вкупно се реализирани 2534 влезни мобилности, најмногу влезни мобилности се реализирани од наставниот административен кадар, околу 1424, наспроти 930 влезни мобилности од страна на студентите, додека од друга страна може да го нотираме зголемувањето на излезни мобилности кои во 2014 изнесувале само 198, додека во 2019 тоа изнесува над 500, а во поновата 2020/21 изнесуваат околу 800 излезни мобилности што претставува 400 проценти раст од 2014 година, рече Ѓоргиевски.
Важен сегмент, додаде тој, е дека 43 проценти од вкупниот буџет на новата Еразмус програмата ќе биде наменет за високо образование.
– Согласно програмата што следи 2021 – 2027 година очекуваме двојно зголемување на буџетите, рече тој.
Во перидот што следи, посочи, акцентот на програмата ќе се однесува на дигитализација, зелена агенда, соработка со држави, функционирање на европската студентска картичка, вклучување на лица со посебни потреби…
– Како национална агенција ќе се водиме согласно приоритетите на програмата, при што очекуваме целосна вклученост и на високообразовните институции во насока на успешно реализирање на зацртаните цели за периодот 2021-2027 година, посочи Ѓоргиевски.
Додаде оти следува период на интензивни активности на зголемување на заедничката соработка и унапредување на програмите за мобилност во високо образовните институции.
На конференцијата се презентираше официјалното потпишување на договорите за грантови со високообразовни институции и унапредување на капацитетите и предизвиците на новата Еразмус+ стратегија 2021-2027