Лага е дека тестови за ковид 19 во Демир Хисар се вршат во гаража

Пост на Фејсбук шири дезинформација за тоа каде се земаат брисови за ковид 19 во Демир Хисар. Во објавата се пласира фотографија на која нејасно се насетуваат две медицински лица во некаква заштитна облека, која може да биде медицинска, но иста таква се кроисти и при употреба на инсекциди во земјоделството и овоштарството, како стојат во гаража и се тврди дека тоа е пункт за тестирање за ковид 19 во Демир Хисар:

Ова е здравството на монстpумот Заев и сатанистот Филипче. Пола милион за арачиновци, а демирхисарци во гаража. Па, не може помизерно од ова… дно, се вели во објавата.

Постот за кратко време стана вирален а во моментот на нашата анализа има околу 600 интеракции (реакции, коментари и споделувања).

Од коментарите под постот може да се забележи дека дезинформацијата е лесно прифатена.

Вистиномер ја провери информацијата во врска со прикажаното на фотографијата и текстуалната содржина на постот, при што утврдивме дека станува збор за манипулативна употреба на фотографија, поточно нејзино користење во манипулативен контекст, со цел да се измамат Фејсбук корисниците.

Испративме прашање до Министерството за здравство дали е точно дека гаражата прикажана на фотографијата е пункт за тестирање на ковид 19 во Демир Хисар.

Тестирањето на граѓани во Демир Хисар, се врши во Здравствениот дом во градот. Брисевите за ковид 19 се земаат во посебна просторија во склоп на здравствената установа. Фотографијата која ни ја приложувате во меилот е лажна, односно не е пункт за земање брисеви во Демир Хисар, ни одговорија од Министерството за здравство.

Од Здравствениот дом во Демир Хисар ни испратија и фотографии од просторијата во која се земаат брисови за ковид 19.

Од фотографиите јасно може да се види дека тоа не се врши во гаража.

Според тоа, може да се заклучи дека фотографијата и тврдењето во постот се лажни. Граѓаните треба да бидат особено внимателни во однос на она што се постира на социјалните мрежи и убаво да се информираат пред да носат некаков заклучок. Лажни фотографии на социјалните мрежи многу лесно се шират, брзо стануваат вирални и тоа особено фотографии од ваков тип кога целото внимание на јавноста е насочено кон пандемијата.

 

Back to top button
Close