Брзата образовна кучка необразовани кучиња раѓа

пишува: САШО ОРДАНОСКИ

Работите почнуваат добро да се одвиваат во врска со набрзина и не многу вешто најавената реформа на образованието во Македонија: колку што гледам, на едната страна уредно си се поредуваат сите вообичаени суспекти од редот на македонските расплакани националисти (главно историчари и македонисти, онаа професионално растревожена академска елита за опстанокот на македонската нација, јазик, историја, традиција, поезија, демографија, православие и раноградинарски земјоделски производи); наспроти образовните и културните слоеви кои се искрено професионално загрижени за лошото образование на нашите деца.

Првите само си продолжија со многудецениското епистоларно оплакување во врска со несопирливиот залез на македонската нација (готово е, пропаднавме, нема спас, ќе нè снема ако не овој петок, сигурно до идниот вторник, а заради Заев можеби уште и ноќеска!); вторите почнуваат да поставуваат логични прашања за да дознаат повеќе елементи од концептот и целите на реформата и како таа ќе се одрази врз целиот образовен систем.

Всушност, се чини дека крајниот резултат од реформата ќе зависи од тоа дали дебатата ќе се ослободи од чисто националистичката политичка агенда на која ќе инсистираат оние кои деноноќно сонуваат оваа власт да падне, наспроти реалниот општествен интерес образованието да стане подобро од ова што е сега. Влеземе ли во вообичаениот вртлог на партиско-политичките обвинувања, дезинформации, манипулации и омаловажувања, тоа неминовно ќе ги демотивира илјадниците наставно-научни кадри да се вклучат со своето искуство и експертиза во одамна задоцнетиот „ремонт“ на нашето образование. Ваква реформа не се прави од партиските говорници по прес-конференции, туку низ упорен процес на семинари, советувања, драфтирања и редрафтирања на решенија, пилот-проекти и стручни тимови кои темелно ќе ги проектираат и предвидат добрите и лошите страни на конечните реформски решенија.

Можеби второво звучи здодевно, но е токму како што и треба да биде. Бидејќи брзината нема да гарантира квалитет – од разни брзи реформски „кучки“, се родија едно чудо слепи реформски „кучиња“.

Сето тоа води до следното логично прашање: бидејќи секоја реформска дебата е и политичка дебата, а никој нормален во Македонија не спори дека во образованието  се потребни темелни промени, има ли шанса на проектот за реформа на образованието да се најдат на заедничка маса власта и опозицијата со своите стручни, а не партиски комитетски кадри? Ако е разбирливо што тоа не може да се постигне во, на пример, реформата на правосудниот систем – оти таму во долга редица чекаат партиски функционери на кои им зависи висината на затворските казни од успешноста на функционирањето на реформираната правна држава – во реформата на образованието сите би требало да имаат сличен инвестиран интерес: образовната натпартиска иднина на нашите непартиски деца!

Зошто за таков договор никој не бара – или не нуди! – „лидерска средба“, на која би се договориле барем од образовната реформа да не се прави вообичаената политичка циркузијада? Толку ли е страшно во државава барем за една тема да се постигне политички консензус и тоа не за да се спречи острината на неопходната дебата, туку за таа да се релаксира од функционерските, пратеничките и лидерските суети и дневно-политичките надигрувања, пред и овој неопходен реформски проект да биде изложен на политички масакар за некакви идни предизборни потреби.

 

Back to top button
Close