Божиќ и Нова година во Грција во време на пандемија и карантин
Без масовни собири и организирани дочеци, без традиционалните шопинзи во продавници, без божиќните песни на децата од дом во дом, но со полициски час, карантин и под строги рестриктивни мерки Грците ќе ги поминат претстојните празници, јави дописничката на МИА од Атина.
-Како што и Велигден беше поразличен, така и Божиќ, оваа година ќе го прославиме поразлично, е најчестата порака од грчката Влада во изминатите денови заедно со апелите да нема големи обири во домовите.
Грција веќе 49 дена е во карантин, со забрана за слободно движење и излегување од дома само со испратена смс порака со одбрана една од шесте опции, но и со целосна рестрикција на движењето во вечерните часови, а кафулињата, баровите, ноќните клубови, рестораните и таверните се затворени.
Во центарот на Атина владее пред новогодишна атмосфера, но само поради поставената елка и новогодишните украси. Раздвиженост има, иако земјата официјално е во карантин, но во никој случај не потсетува на онаа од претходните години во пресрет на празниците.
Продавниците се затворени за шопинг и празнични подароци, со исклучок на опцијата „click away“, односно можноста за нарачка преку интернет или телефонски и подигање од продавница.
Собирите во домовите се ограничени на најмногу девет лица од две семејства, а забрането е патување меѓу периферии.
Паралелно зголемено е присуството на полицијата, со интензивни контроли за почитување на мерките, како на главните булевари во Атина, така и на автопатите и патарините во цела Грција, но проверки се прават и на пешаците, особено на плоштадот Синтагма.
Граѓаните потребно е да имаат или потврда за движење или испратена смс порака, додека пак од 22 часот до 5 часот наутро, во сила е полицискиот час.
Црквите во Грција, поради карантинот се затворени, а единствени исклучоци има за денеска (Божиќ), за 1 јануари и за 6 јануари (Водици) кога е дозволено присуство на верници под конкретни правила: едно лице на 15 метри квадратни и најмногу 25 лица, а во соборните храмови, може да има над 50 верници.
Атина во новогодишно руво
И покрај карантинот и рестриктивните мерки, општина Атина блесна во новогодишно руво.
На плоштадот Синтагма поставена е 15-метарска природна елка донесена од грчкиот град Карпениси, онаму каде што беше претходниот мандат на актуелниот атински градоначалник Костас Бакојанис, а процените се дека елката, заедно со циментото на кое е поставена, тежи околу 30 тони.
Новогодишниот сјај во центарот на Атина и импресивното новогодишно осветлување, за кое Грците велат дека е најдобро во последните години, секојдневно привлекува десетици граѓани, кои и покрај забраната за движење наоѓаат начини да го посетат плоштадот Синтагма и да се сликаат.
Оваа година не се одржа традиционалното осветлување на елката, ниту пак ќе има прослава на новата година во центарот на Атина, а општината одбира нов начин за пречек на 2021 година со помош на технологијата.
Од граѓаните бара и тие да бидат дел од прославата преку снимено видео во кое одбројуваат од десет до еден и ги испраќаат нивните честитки за новата година, а од сите видеа ќе се направи мозаик што ќе се пренесе на државната телевизија ЕРТ точно на полноќ на 31 декември.
Непроменети цените на продуктите во супермаркетите за празничната трпеза
Во просек 81,42 евра треба да одвои едно семејство за набавка на продукти од супермаркетите за празничната трпеза, согласно податоците што ги објавува Институтот за истражување на малопродажбата во Грција.
Цените се речиси идентични како и лани, кога во просек граѓаните одвојувале по 81,81 евро.
-Оваа година сигурно празничната трпеза е поевтина во споредба со лани, бидејќи сега ќе бидеме сами. Не е исто да готвиш за четиричлено семејство, и за над десет лица, вели Гркинка за МИА, која објаснува дека поради ограничувањата, празниците ќе ги помине само со нејзиниот сопруг и децата, а не традиционално со поширокото семејство.
Карантинот во Грција беше воведен на 7 ноември, а ќе трае до 7 јануари 2021 година. Доколку епидемиолошките податоци се задоволителни и надлежната комисија препорача укинување на мерките, се очекува први да се отворат училиштата, а враќањето во новата нормалност да биде постепено.
Од почетокот на епидемијата во земјата се регистрирани 134.235 случаи на Ковид-19, а починаа 4.457 лица.
Сања Ристовска