Здружение на граѓани Ануитет бара банките да најдат начин помошта од 6.000 денари да стигне до секој граѓанин без трошоци
Скопје, 25 декември 2020
Здружението на банкарски клиенти АНУИТЕТ апелира до банките да престанат со грабежот на најранливата категорија граѓани преку наплата на други побарувања од еднократната помош од 6000 денари
Зошто финансиската помош не стигна до сите граѓани?
Многу граѓани се засегнати од овој проблем кој настана поради несоодветна намерна или ненамерна организација од страна на банките околу спроведување на четвртиот пакет помош, со кој Владата донесе
еднократна мерка за финасиска помош од 6000 ден на повеќе од 270.000 граѓани, или вкупно околу 27 милиони евра.
И додека дел од граѓаните веќе почнаа да ги користат овие средства, на останатите им беше ускратено ова право, иако се најдоа на листата како лица кои се опфатени со мерката.
– Првата причина за тоа е пренос на средствата кај граѓаните на новоотверени сметки кои поради блокада на нивните трансакциски сметки не се во можност да ги подигнат и искористат за намената за која им се доделени.
– Втората причина е повлекување на тие средства од страна на банките и наплата на доспеани долгови по основ на провизии и кредитни пласмани.
Без разлика за која причина се работи намената на овие средства е строго определена и никој нема право да ја злоупотреби.
Прашањето кое се поставува е зошто се оневозможи дел од граѓаните да го остварат своето право за добивање на финансиска помош во овие тешки услови и дали оваа мерка банките ја искористија за наплата на заостанатите камати и долгови од мораториумот кој служеше за богатење и зголемување на профитот на банките.
Заборавате дека моќта Ви ја даваат баш тие граѓани од кои сега во време на криза го земате последното парче леб за да ги зголемите Вашите профити на крајот на годината.
Можеби треба да Ве потсетиме дека работите со парите на граѓаните и не треба нивната доверба и немоќ да ја злоупотребувате.
Свесни сте како банки дека нема кој да Ви се спротистави во денешно време и ја користите својата финансиска моќ да наплаќате побарувања без притоа да се водите од морални и други стандарди.
Бидете одговорни како институции и најдете начин секој граѓанин да ја добие еднократната помош во износ од 6000 денари во целост без ни еден денар трошоци.
Здружение на граѓани Ануитет