Инфраструктурен хаос во некои штипски населби со легализираните објекти
Улицата „Серска“ во штипската населба Света Недела има коловоз од само три метри, тротоари нема. Инфраструктурата е како за во 19 век, на коловозот може да помине само колска кола со впрегнат коњ. Но, во 21 век автобомобилите и пешаците по оваа улица сите се движат по коловозот. Проблем е за возачите, кои мора да маневрираат доколку од спротивната страна доаѓа друго возило. Едниот возач на страна го запира возилото, а другиот поминува. Оваа населба не е дел од стариот дел на градот Штип, туку е релативно нова и сите куќи се градени на приватно земјоделско земјиште, а сопствениците пред неколку години ги легализираа со познатиот Закон за дивоградби, едно евро за еден метар квадратен.
Вакви населби во Штип ги има неколку, едни од нив се и Дузлачки рид, Железничка, Света Недела. Пред десетина години во Штип дивоградбите не беа синоним за социјално ранливите категории, ги градеа бизнисмени, полицајци, судии, свештеници, административци, лекари.
Трајче М., жител на населбата Света Недела вели дека кога ги граделе куќите, сами си изградиле водовод и канализација, па затоа и ден денес имаат проблеми со притисокот на водата, поради нестандарното градење. Штипското комунално претпријатие по легализацијата на овие објекти има дополнителни проблеми, но и предизвик, како да го нормализира хаосот кој е направен при градењето на овие објекти.
На само 200 метри, од овие куќи во соседната населба Сењак, каде што е градено согласно урбанистичките планови, ваков хаос нема. Широки улици, со тротоари за пешаците, детски, спортски игралишта и со трговски центри. Населба со урбан лик, која нуди современи услови за живот и рекреација.
Поранешниот вршител на должност градоначалник на Општина Штип, Јане Миланов за МИА вели дека од 2011 до 2018 година до Општина Штип се доставени 13.382 барања за легализација на нелегално изградени објекти. Во првата фаза до 2015 година се поднесени околу 10.400, а до 2018 година околу 3.000 барања. Решенија имаат 12.000, а во постапка се 1.382 барања.
-Она што можам да го кажам, кај нас во Општина Штип за 2020 година, службите инспекциски постапиле за вкупно 50 предмети. Притоа во таа постапка, најголем дел се во фаза на издавање на решенија за уривање. Она што е можеби и важно да се знае, од страна на граѓаните е дека според Законот за инспекциски надзор, којшто е од 2019 година, практично инспекторот во неколку фази го носи решенијата. Првата фаза е записник од извршен увид на самиот терен, втората фаза е решение за издадена опомена, трета фаза е решение за уривање, па следува контрола и последна завршна фаза е решение за извршување, коешто го потпишува градоначалникот. Сите овие предмети околу 50 во најголем дел се во фаза на издадено решение за уривање од страна на инспекторот, вели Миланов.
Посочува дека најголемиот дел од дивоградбите за 2020 година во Штип се однесуваат за нелегално изградени огради, доградби, дел за реконструкција на постоечки објекти.
Помалите општини на истокот кубурат со градежни инспектори
Во општините на истокот и понатаму се продолжува со нелегалното градење на објекти, но и узурпација на државно земјиште. Локалните власти сметаат дека проблемот лежи во капацитетот на одделенијата за урбанизам и општинските градежни инспекции. Помалите општини какошто се Карбинци, Зрновци, Чешиново-Облешево немаат градежни инспектори, па зависат од соседните поголеми општини, но и таму не е сјајна состојбата.
Кочанскиот градоначалник, Николчо Илиејев вели дека Кочани во моментов нема градежен инспектор. Едниот поради здравствени причини е прераспределен, другиот е на боледување. Позицијата градежен инспектор не е доволно атрактивна за кочанчани бидејќи на општинските конкурси не се јавува никој. Генерално тоа е главоболка на сите општини. Во Кочани во индустриската зона за лесна индустрија, дел од компаниите сами си го оградиле просторот, па државни парцели станале дел од фабричките дворови, а сами се приклучиле и на регионалниот пат Штип-Кочани. Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев вели дека кога општината реагирала, им рекле дека постапката треба да ја води Државниот правобранител.
-Законот за легализација на дивоизградени објекти од 2011 навистина прави проблеми. Ние како граѓани, ако сме искрени ќе кажеме дека во повеќе наврати се крши, бидејќи има објекти, кои се легализирани и изградени, после 2011 година. Нешто, што навистина загрижува и направи хаос, во сите општини, не само во Општина Кочани, вели Илијев.
Забележува дека граѓаните, но и фирмите наоѓаат различни мотиви и изговори да продолжат со градењето на диво, со што се прави и урбанистичкиот хаос, кој подоцна е тешко да се среди или да се развива одреден дел од градот.
-Нашата определба и ние имаме средства предвидено во буџетот, а за жал еднаш имавме и неуспешн обид и не се јави никој за избор на изведувач за рушење на објекти, бесправно изградени. Ние ќе продолжиме со таа иницијатива и ќе направиме обид сето она што е изградено на диво да се врати во првобитната состојба, вели Илијев.
Тој порачува дека граѓаните кои почнале да градат на диво, да не си ги фрлаат своите пари во вакви градби, бидејќи не постои начин за нивна легализација.
Никој од градоначалниците не може да објасни зошто на нивните огласи не се јавуваат фирми што треба да ги уриваат дивоградбите. Тука се заглавени најголем дел од предметите. И додека градоначалниците калкулираат со оваа непопуларна мерка, власта не се откажува од нов Закон за легализација на дивоградби. Откако обидот на почетокот на годината пропадна, а опозицијата поднесе 1000 амандмани, истиот текст на Законот во октомври повторно се врати во Собрание. Владата предлага да се носи по скратена постапка.
„Од страна на ЗЕЛС укажано е дека во поголем дел од единиците на локална самоуправа евидентирани се бесправни градби кои се изградени по 3 март 2011 година, објекти што не се предмет на постојниот закон и истите треба да бидат отстранети што ќе предизвика дополнителни административни постапки и трошоци за единиците на локална самоуправа“, е образложението за носење на законот.
Без регистар на дивоградби, единствена институција што ги брои нелегано изградените објекти е Државниот завод за статистика, што работи врз основа на податоците што му ги испраќаат општините. Лани според нив се бележат близу 1.000 нови дивоградби во државата. Во најголем дел се работи за доградби и надградби, помошни простории и летни тераси, но само 160 од нив се за домување, а десет дивоградби се сопственост на државата. Од државните дивоградби во Штип на легализација чека некогашниот воен ресторан Вардар што треба да стане дом за стари лица, а поради немање на соодветни градежни одобренија неколку години стои во фаза на карабин.
Викторија Јованова