Данок во минато

Ако некому насловот му асоцира на она турсконо „данок во крв“, сум ја погодил асоцијацијата. Кај оние кај кои има дилеми, еве им појаснувам: да, данокот во минато (или во наследство, ако подобро звучи) треба да се идентификува како антипод на турското данок во крв (или девширме), иако јас попрво би го нарекол данок во иднина! Впрочем, и функцијата му е слична, ако не иста.

Данокот во крв (иднина) во Османлиската империја се состоел во собирање на најздравите (главно христијански) деца кои потоа биле носени во Цариград, исламизирани и подложувани на специјален воспитен режим. Најголемиот дел од нив понатаму бил основата на познатите јаничарски одреди. И мојот акцент на спомнувањето на овој најомразен османлиски данок е на најздравите деца, односно на поентата на иднината на народите од кои тие биле одземани. Зашто, иднината на човештвото е токму неговото потомство, неговите деца! Ама, ако пак тие деца, или денешните деца, ги лишите од нивното минато односно од нивното културно наследство, каква иднина сте им оставиле? Како гуски во магла, како луѓе без идентитет, без меморија, без сушност! Малку ли ни биле векови такво битисување, па и денес, во самостојна и независна држава, со толкав државен апарат, да ја продолжуваме истата историја но сега на повисок степен, со саможртва, со самоуништување, со самоелиминација? Малку ли ни биле векови на прогон, уништување, игнорирање… па сега треба самите тоа да си го правиме?

Токму заради тоа нашиот однос кон културното наследство не може, не смее да биде препуштено на аматери, на дилетанти, на политиканти, па дури ни на (наводно) сериозни политичари ако целта е злоупотреба за дневнополитички играрии. Ако тоа наследство го преживеало Отоманскиот период, Балканските и двете светски војни, ако го преживеало дури и т.н. комунизам – којшто, патем, имаше многу покултивиран однос кон него – тогаш истото денес не може/не смее да има третман на монета за меѓупартиско (или коалициско, како сакате) и меѓуетничко поткусурување. Особено не денес, со целата оваа нова техника и технологија во заштитата на културното наследство. Дотолку повеќе што ако главната поента на заштитата на културното наследство е неговото сочувување за идните генерации, тогаш што ние ќе им пренесеме на тие генерации ако сето ова веќе утре го снема? А ќе го снема, дефинитивно, со ваквиот наш однос, ќе исчезне неповратно, засекогаш. И тогаш ќе имаме генерации кои нема да знаат кои се и што се, од каде доаѓаат и каде одат, нема да знаат кои им се предците и што тие мислеле и правеле за нив. Ќе ја знаат Цеца но не и Михајло и Евтихиј, ќе се воодушевуваат на Ајфеловата кула но не и на црквичето во Курбиново!

Просто, нели, ама едновремено и многу, многу сложено! Барем за оние кои разбираат или сакаат да разберат. Зашто, равенството помеѓу наследството и идентитетот не е случајно, ниту е пак неважно. Ако идентитетот на Македонецот со векови, па и денес, бил/е оспоруван, дојде време да се самооспоруваме, да се деидентификуваме? Бидејќи, отстранувањето на специфичните колективни идентификатори (материјални и нематеријални), како и постапното бришење на вистинското знаење за идентитетот, минатото, историјата… е токму таа од некого посакувана деидентификација! И кому ние денес го плаќаме тој застрашувачки данок преку негрижата за наследството, преку неговото свесно/намерно уништување односно препуштањето на судбинските прашања на неуки политиканти? Сето тоа веќе заличува на некаква монструозна „државна програма“, некаков заговорнички план на полуписмени пробисвети уште од 1999 година!

Зашто, што е инаку онаа незграпна нападна грдосија на Плаошник што чинела цели 2,2 милиони евра, ако не поништување на културниот идентитет, спрдачина со македонското градителско наследство? Или некој сака да каже дека тоа чудовиште е синоним на аскетскиот Св. Климентов дух? Такви недоквакани приказни можете да им раскажувате само на своите семејства (ама не и на децата, зашто тоа би било злосторство). А впрочем, што поинаку направивме и со скромноста и аскетизмот на една Мајка Тереза во Скопје? Оној нејзин циркузантски спомен-дом? И како, ве молам, можат овие вчерашни градби денес да бидат – културно наследство? Баш ме интересира што ли ќе кажеше професорот Коцо да можеше да ја види онаа грдотија на Плаошник, или Гонџа Бојаџиу за начинот како ние се сеќаваме на неа? (Апропо, кога пак ги читате „вдахновените“ мисли на нашине „учени“ Грозданов, Димитрова и др. за Плаошник и за Климент, со кого секогаш се на „ти“ и му ги знаат и најскриените мисли, да ви се преврти утробата од таква македонска „наука“!). Што е уште пострашно, сето тоа го градеше токму државата персонифицирана во неколку налудничави глави, а од буџетски – што ќе рече наши, на граѓаните – пари. И не само тоа туку и разноразни „универзитети“, па резиденција на МПЦ, па некаков „музеј“ итн., повторно со средства од буџетот и со самоволни одлуки на еден грст фрустрирани незнајковци. И сето тоа, уште речиси недоизградено, токму „стручните“ институции на оваа држава и нејзините партиски кадри, минати и сегашни, го прогласуваа(т) за македонско културно наследство!

И сето тоа ругло и денес се кочопери така и таму, ни пика прст в око а поединци од власта ни велат дека тоа е само раска (што би рекле прилепчани!). А сето тоа, целата таа трагедија, денешниве (се’ уште заробени, ама не знаеме од кого) институции го толерираат, па и продолжуваат да го финансираат, повторно со буџетски средства, ама секогаш ние сме тие кои поставуваат незгодни прашања или кои немаат чувство за нашата „сегашност“ и „ситуација“. Меѓутоа, ако ние – подразбирајќи ја тука токму сегашната држава и нејзините надлежни институции – навистина мислиме дека тоа е’ и таков треба да биде нашиот однос кон културното наследство, тогаш не сме заслужиле ништо подобро. Ако таа грандоманија и непримереност на Св. Климентовиот дух треба да ја прифатиме како своја и денешен изблик на неговата мудрост и аскетизам, тогаш подобро да се откажеме и од вера и од наследство, а другите ќе не’ откажат од државата. Зашто, извинете – како да не ја заслужуваме!

Златко Теодосиевски

Back to top button
Close