На инфективните оддели се лекуваат 1082 пациенти со Ковид-19, отворен и ковид-центарот на ТОАРИЛУЦ

– Вкупно 1082 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот се лекуваат на инфективните оддели во Скопје и во болниците во другите градови, при што има околу 340 празни болнички кревети во ковид – центрите, соопшти Министерството за здравство.
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 67 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 463 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.
Во ковид-центрите во болниците во другите градови во изминатите 24 часа е пријавено дека се лекуваат вкупно 619 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.
Поради зголемениот број на пациенти кои имаат потреба од хоспитализација, во Скопје отворен е и кови центарот на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).
Во последното деноноќие, на Интерните клиники имало 35 приеми.
Во ковид центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 18 примени пациенти и 12 биле примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле биле примени двајца нови пациенти.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 41 оздравен пациент.
Во моментов во ковид – центрите на Интерните клиники и ТОАРИЛУЦ се лекуваат 221 пациент.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 74 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 129 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 35 пациенти. На ГАК има четири хоспитализирани ковид позитивни пациентки.
Бројот на приеми во изминативе денови е зголемен и изутрината до 8 часот имало 50 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка.