Групен идентитет – право или дневна политика
За законите за јазик и за определувањето на националниот идентитет во личните карти во Северна Македонија
Авторка: Арбена Хајредини
15 февруари 2021
Нацистичка Германија пред почетокот на Втората светска војна, како и Руанда во 1994 година, го внесуваа групниот идентитет во личните карти на поединците. Поточно, во 1938 година, неколку месеци пред настанот наречен Кристална ноќ (Kristallnacht), нацистичка Германија го внесува печатот Ј (читај Јуда) во личните карти, а подоцна и во пасошите на Евреите. Во Руанда, белгиската колонизаторска администрација ја внесе етничката припадност во личните карти на Руанѓаните, практика која продолжи и по независноста на земјата. По почетокот на конфликтот во 1994 година, поединците со лични карти со етничка припадност Тутси беа погубувани масовно и со неверојатна брзина. Во двата случаја, именувањето на идентитетот според групна класификација во личните карти, одигра клучна улога во погубувањето, за што сега веќе е обемно документирано во двете земји, значи злосторот геноцид.
- Групен идентитет
Не секоја заложба да се има групна припадност и видно да се нагласи во каква и да е форма, завршува со геноцид. На крајот на краиштата, заложбата на жените, на индигените народи, етничките, јазичните и верските малцинства, историски била напорна и со многу жртвувања за да се постигне јавно признавање, достоинство и еднаквост, наспроти администрацијата, законот и општеството.
Сепак, формите на идентификација со групата се динамични концепти кои се менуваат според историските, географските, социјалните и други околности. На пример, човекот од политеистичните времиња, нема да може да замисли дека некогаш во иднина луѓето ќе се масакрираат меѓусебно затоа што различно се молат на еден единствен Бог. Човек од средновековје не ќе можеше да ги разбере војните за национални симболи, образование на мајчин јазик и така натаму, затоа што во тоа време се војуваше за религија и територија. Човек од пред еден век не можел да замисли дека жените во иднина ќе бидат во состојба да се борат и да жртвуваат многу за да постигнат еднаквост со мажите. Првите генерации на тие што емигрираа, не можеле да замислат дека нивните деца во голем број случаи ќе го заборават мајчиниот јазик и ќе развијат однесување и начин на живот кои ќе бидат многу поблиски до тие на народот домаќин и често ќе се судираат со традициите на родителите.
Примерите за начинот како групниот идентитет се менува во време и според околностите се многубројни. Не само заедничките општествени особини, туку и физичките се менуваат. Луѓето со различна расна припадност раѓаат деца кои ќе имаат физички особености на групната припадност на двата родитела. Родовата припадност исто така сега се доживува како нешто што не е предодредено од биолошкиот фактор или од општествените фактори кои го наметнуваат родовиот идентитет врз основа на нормите и традициите на одредена група.
- Индивидуалниот идентитет внатре и надвор од групата
Тенденцијата да се има групна припадност, да се ужива слободата на истакнување на групниот идентитет е сосема човечна. Така како што е чевечно и сосема природно поединецот да дава отпор и да се бори против групната припадност. Значи, идентификацијата со особеностите на групата, од една страна, и борбата против особеностите на групата, од друга страна, се динамични појави, кои и содејствуваат и се судираат.
Во современиот свет нагласената индивидуалност и отпорот кон колективните норми и традиции резултирале со занемарување на колективниот идентитет. Ова најдобро се илустрира со случувањата на полето на родова еднаквост. Една од најголемите препреки жените да постигнат еднаквост во приватниот и општествениот живот беше токму тоа – кршењето на нејзините индивидуални потреби и права во интерес на зачувување на колективниот, традиционалниот, семејниот идентитет. Не случајно зајакнувањето на жената е придружено со отпор во конзервативните општества, кај кои е изразен колективниот идентитет.
- Групни и индивидуални права
Еден од најголемите предизвици во креирање на политики во една демократска земја која настојува да гради држава врз основа на владеење на законот и на човековите права, е обезбедувањето и гарантирањето на групните права. Од една страна, треба да обезбедиш групата да ја ужива слободата да ги изрази особеностите што ја определуваат како група, на пример јазикот, културата и друго. Од друга страна, треба да обезбедиш материјални средства за да го овозможиш уживањето на тие права, особено ако се гарантирани со закон, и, конечно, треба да внимаваш да ги отстраниш можните конфликти меѓу разни групи, за паралелно да ги добијат колективните права.
Прашањето на колективните права наспроти индивидуалните, било и останува оспорувано и придружувано со академски противречности. Доктрината која доминира денес доаѓа од либералниот дискурс кој истакнува дека индивидуалните права уживаат супериорност кон колективните бидејќи, на крајот на краиштата, тие извираат од индивидуалните. Делумно оваа доктрина се води од идејата дека гарантирањето на индивидуалните права ќе води кон реализација на колективните права. На пример, Меѓународниот пакт за граѓански и политички права ги штити правата на поединците кои се дел од етничките, верските и јазичните малцинства (член 27)1. Значи, предмет на одбрана е поединецот во рамки на групата.
Другите предизвици во врска со припишувањето на групни права лежи во отсуството на една единствена дефиниција која ја карактеризира групата. „Кој и да е дел од човештвото кој сакаме да го издвоиме како група, според сите изгледи претставува еден поголем општествен ентитет и според сите изгледи содржи во себе помали составни делови, кои исто така може да се изјаснат како засебни ‘групи’. Значи, има еден истакнат елемент на арбитрарност во врска со сегментите на човештвото кои ги идентификуваме како ‘групи’.2
Не постои еден единствен модел кој може да илустрира како државата треба да ги гарантира правата на одредени групи. За жал, европските практики историски се придружувани со војни за национален идентитет и со неуспех на интегрирањето на групите кои емигрирале од трети земји. Распаѓањето на Југославија илустрираше како потиснувањето на колективниот идентитет може да доведе до барање за сецесија од страна на групи кои се чувствуваат маргинализирани. Од друга страна, овие настани станаа поттик за многу реформи и прогресивни мерки за одбрана на правата на групите. Како што е случајот и со правата на Албанците во Македонија, поконкретно со универзитетското образование на албански јазик.
- Законот за употреба на јазиците и предлог-законот за истакнување на етничката припадност во личните карти во Македонија
Актуелното прашање за употреба на албанскиот јазик и внесувањето на етничката припадност во личните карти во Северна Македонија, кои веќе постојат како закон и предлог-закон, се чини дека станаа заложници на расправите претставени погоре.
Двата проекта се резултат на заложбите за изразување на идентитетот на групата. Меѓутоа, додека употребата на јазикот е барање, кое кога се остварува, може да води до слобода на изразување, самодоверба кај поединецот како дел од група, во образовен и научен напредок на поединците и групата, се поставува прашањето што добива групата со одредување на името на етничката припадност во личните карти.
Потоа се поставува прашањето кој ја претставува групата. Во конкретниот случај, предлог-законот е предложен од еден мал парламентарен субјек, кој е поддржан од другите субјекти во интерес на опстанок во властта.
Практиките во демократските земји посочуваат на тоа дека законите и политиките, особено тие кои ги допираат широките јавни интереси, бараат учество на јавноста преку јавни дискусии. До сега, освен политичките пазарења во врска со предлог-законите, немало ниту една критичка дискусија и разгледување на целта, значењето и импликациите на овој закон.
Да претпоставиме дека овој закон ја има поддршката од јавноста, меѓутоа се поставува прашањето колку е таа информирана и колку е во состојба да ги разбере импликациите на законот, кога правната функционална неписменост во Македонија јасно доаѓа до израз во Мислењето на Венецијанската комисија за законот за употреба на јазиците (2019), каде што, меѓу другото, вели: ‘Став 45. Во текот на разговорите со делегацијата на Венецијанската комисија, властите (читај во Македонија) се согласија дека член 12 од законот ги обврзува корисниците на албанскиот јазик да ги имаат личните документ и пасошите на македонски и на албански јазик и дека во пракса, законот се спроведува на овој начин. Сепак, поединците кои припаѓаат на помалите заедници може да одлучат за лични карти или пасоши на два или еден јазик (членовите 13 и 14). Став 46. Наметнувањето на употребата на албанскиот јазик или на кој било друг јазик на некоја зеадница кон поединците (кога се однесува на јавната администрација, или кога се дел од административни процеси, или судски, или во лични документи) претставува кршење на правото на слобода на изразување (особено во врска со членовите 4 (2) и 5 (4) на Законот за јазиците) и правото на слобода за самоидентификација. Ова последново, кое сугерира дека правото на слободен избор да бидеш третиран или да не бидеш третиран како поединец кој припаѓа на национално малцинство, е опфатено во член 3 од Рамковната конвенција за одбрана на националните малцинства. Како што го објасни Советодавниот комитет за рамковната конвенција (ACFC), „слободата на самоидентификација подразбира слобода на избор врз основа на одредена ситуација кога ќе се самоидентификуваш како поединец кој припаѓа на национално малцинство и кога нема да го направиш тоа. Во пракса, ова значи дека секој поединец кој/а припаѓа на национално малцинство може сам да одлучи дали сака да го бара соодветното право во Рамковната конвенција, додека во одредени услови или во врска со некои аспекти на правата, тој или таа може да одлучи да не ги практикува овие права“.3
Што се однесува на светските практики, во 2018 година, од 137 лични карти кои се анализирани за студија, само седум ја содржале етничката припадност. Од нив, во ниту една европска земја и Северна Америка, две во Латинска Америка, три во Африка и две во Азија.4
Врз каква основа, значи, една или повеќе парламентарни групи кои одвај го достигнуваат прагот да влезат во парламент или да формираат влада, туркаат агенди кои ниту имаат некоја практична вредност, освен догматските, и кои се во судир со нормите и начелата одредени од Рамковната конвенција, меѓу другото. Со каква легитимност им се наметнува на луѓето кои се можеби од мешани бракови и кои сакаат да имаат повеќе од еден идентитет, било да е национален или каков и да е друг идентитет. Со каква легитимност и право се импонира идентификација и групна профилација, наспроти многубројните нијанси кои го карактеризираат човековиот идентитет.
Во служба на која агенда се промовираат такви регресивни законски иницијативи кои го туркаат населението во темнина и предизвикуваат опасни преседани? Зошто сите тие жртвувања за образование и унапредување на Албанците завршуваат со баналности и догматски симболики?
И, на крајот, што следува после ова? Можеби оваа или некоја друга група поединци ќе наметне графи за верска припадност во личните карти или тетоважи на чело со национална идентификација или нешто слично. Или, можеби, ќе наметнат што смее и што не смее да облече жената.
- Заклучок
а). Како што истакнав на почеток, не секоја заложба да се има групна припадност и таа видно да се истакне во било каква форма, завршува со геноцид. Меѓутоа инсистирањето на супериорност на групната идентификација може да им оди во прилог на геноцидните политики и дејствија.
б). Групната идентификација не е хомогена. Внатре во една група има подгрупи и, над сѐ, има поединци, чиј идентитет може да биде во судир со групниот идентитет. Идентитетот се менува со време или во други услови, значи, не е статичен. Овие елементи мора да се имаат предвид пред да се иницираат закони кои се однесуваат на овие прашања.
в). Правата на групата не може да се реализираат на штета на правата на поединецот. Значи, не може да му се наметне на поединецот да го користи правото на јазик или да се идентификува според етничката припадност во личните карти спроти неговата/нејзината волја.
г). Законите, особено тие кои имаат широко значење за јавниот интерес, треба да се подготвуваат преку информирање, едукација и широко учество на населението во јавни расправи.
д). Законот за употреба на јазиците треба да се ревидира според препораките во Мислењето на Венецијанската комисија и да се исфрлат гротескните грешки и недостатоци, детализирани од Комисијата.
ѓ). Предлог-законот за опфаќање на националниот идентитет во личните карти е опасен, не само како чин за себе, туку претставува и преседан за слична иницијатива во иднина да се наметне колективен идентитет, затоа треба да се повлече од законодавната агенда под итно.
е). Конечно, за да го напишам овој напис, се обидов да најдам академска литература на албански или на македонски јазик, но, не најдов речиси ништо, ниту преведено, а не, пак, напишано на овие јазици. Ќе беше покорисно да се инвестира во квалитетот на образованието на сите јазици кои се говорат во Македонија. Веројатно една младина образована во духот на критичката мисла ќе можеше да ја разбере до сега манипулацијата за дневнополитички цели во име на колективните права. Само една образована и освестена младина ќе успее да обезбеди јавно признавање, достоинство и еднаквост на групата и на поединецот наспроти администрацијата, законот и општеството.
1 http://bezomrazno.mk/wp-content/uploads/2013/10/Megjunaroden-pakt-za-gragjanski-i-politicki-prava.pdf
2 https://plato.stanford.edu/entries/rights-group/ seksioni 6
3ttps://www.venice.coe.int/webforms/documents/default.aspx?pdffile=CDL-AD(2019)033-e
4 M. Bashir Mobasher (2018) Identity cards and identity conflicts: a crossnational analysis of national ID cards and the lessons for Afghanistan, Indian Law Review, 2:2, 159-177, DOI: 10.1080/24730580.2018.1547078 (Identity cards and identity conflicts: a cross-national analysis of national ID cards and the lessons for Afghanistan: Indian Law Review: Vol 2, No 2 (tandfonline.com)
текстот е објавен во неделникот „Фокус“ на 3 март 2021