Мицкоски се сретна со иницијативата „Не отворам врата“: Нема да поддржиме попис ако не е по стандардите на Еуростат
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска се сретнал со претставници од иницијативата „Не отворам врата“ која се залагаше за одложување на пописот, на која средба вели дека ги запознал со договорот што го постигнал со премиерот Зоран Заев.
По средбата, Мицкоски порача дека се согласиле оти нема да поддржат резултати од попис кој не спроведен по европските стандарди.
„Заеднички се согласивме дека е добро што е одложен пописот поради лошата епидемиолошка слика и разгорената ковид пандемија која секој ден одзема по триесетина животи и заразува по 1 300 наши сограѓани. На средбата беа запознаени претставниците од иницијативата, но и заеднички се согласивме околу заложбата за доследна примена на практиките и методите на Еуростат при одржувањето на пописот, како и фактот дека нема да се поддржат резултати од попис кој нема да биде спроведен по методологијата и стандардите на Еуростат и европските практики“, вели Мицкоски.
Претставникот на иницијативата, Вангел Божиновски, пак, изјави дека побарале од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ законски да се прецизираат одредени детали токму во насока на методологијата.
„Го изразивме задоволството од успешниот разговор кој придонесе нашата иницијатива за одложување на пописот да доживее успешен резултат. Предложивме во овој период некои детали и финеси кои не неопходни за успешен попис да бидат додефинирани особено во сферата на законската регулатива и методологијата по која ќе се прави пописот за тоа да одговара на европските стандарди и да се работи посериозно отколку што досега беше подготовката на овој попис“, изјави Божиновски.