Ништо веќе не е исто
Не можам никако да го убедам мојот пријател дека не е така како што тој мисли. Ми вели, знаеш те читам и следам, ти мора да си во дослух со владата, се случува ете така не е прв пат, нешто да кажеш или напишеш, потоа некако случајно или не, тоа да се случи, вака или онака. Еве на пример, ми вели пријателот, минатата недела во твојата колумна удри по приватниве клиники баш им “списка“ онака, па утредента министерот веднаш најави нови измени во законот кои ќе се однесуваат на ограничување на цените во приватните клиники, тоа случајно ли е, ме прашува пријателот. Не друже, грешка си, не сум во дослух со никого, таман работа едноставно други времиња се сега, треба да го пофалиме министерот за здравство за неговата реакција, тоа е почитување на гласот на јавноста, ништо веќе не е исто, баш така му кажав. Да така е, убеден сум во тоа, но да тргнеме по ред.
Во текот на вчерашниот ден беше приведен доскорешниот генерален секретар на владата поради основано сомнение за сторено кривично дело и му беше одреден куќен притвор, како мерка на претпазливост. Секако мора да ја почитуваме презумпцијата на невиност, неговата вина мора и да се докаже, но сепак се случи тоа што се случи, тоа што многу “неверни томи“ не го очекуваа, се случи показна вежба, функционирање на правната држава на дело, со сите нишани и тоа е за поздравување. Може сега кој што сака да каже и да мрчи, факт е дека едноставно веќе ништо не е исто, ништо не е како порано, други ветришта дуваат, јасно е тоа. Многумина ќе ликуваат сега, многумина ќе се радуваат, некои ќе критикуваат и ќе бараат влакно во јајцето, зошто било вака а не било така, па требало вака не можело онака и се така во недоглед. Некои теоретичари на македонски заговори нешто уште не им е јасно па ќе врескаат дека еве и за ова дошле Амерканците и ни кажале да го уапсиме Рашко, па сега владата немала друг избор и морало така да биде, овие глупости во континуитет ги слушаме веќе подолго време. Не почитувани, не е така, па и некои времиња пред нас, не така одамна, беа тука Американците, укажуваа, помагаа, ама ништо не се случи, едноставно немаше таква политичка волја да имаме правна држава. Затоа бидете уверени, ниту Американците кажувале кој да биде уапсен ниту марсовци ни кажувале, едноставно се создаде клима на одврзани раце на македонското правосудство да може да си ја работи својата работа како што треба, без никој да се осмели во политичките кабинети и од “тефтерчињата“ да им ги диктира судските одлуки, ете тоа се случи.
Стратегијата на опозицијата која сега некако остана затечена со прстот во уста, како што може да се насети во овој случај ќе биде фокусирана на тоа дека премиерот е виновен за тоа што го направил генералниот секретар, измислија некоја “командна одговорност“ пази молим те, “експерти“, а тоа го изјавува на прес конференција обвинето лице за кое се води судски процес, па сега тој како некоја “чесна и високо морална бајачка“ вчудоневиден од постапката на другото лице, за кое они нели долго време ни укажувале, абе “циркус адриа“ е ова што го гледаме. Инаку кога сме веќе кај командна одговорност на премиерот, абе кај им текна оваа глупост, бар да прашаа некого, смешки е ова луѓе. Командна одговорност како основ за кривично дело го воведе Хашкиот трибунал, па многумина ова подоцна го нарекуваа ткн, Хашко право. Тоа подразбира дека надредениот имал обврска и требал да знае што превзема и какви одлуки носи подредениот, со тоа што не знаел а имал должност да знае или не превзел мерки да го спречи делото или евентуално да го казни подредениот ако направил некое дело, во тој случај и надредениот сноси одговорност, тоа е вака во кратки црти околу командна одговорност. Еве да Ви биде појасно, Љубе Бошкоски беше обвинет од Хашкиот трибунал за командна одговорност, но беше ослободен затоа што тој како надреден постапил, односно формирал некоја Комисија која ќе ги испитува преземените дејствија и ќе ги казни подредените за оние настани што се случиле кај Радуша. Кај Јохан Тарчуловски се работеше за индивидуална кривична одговорност и затоа тој издржуваше затворска казна. Ова е само мала дигресија, затоа што во случајот со секретарот на владата се работи за нешто сосема друго, па нашиот КЗ во овој случај не познава такво нешто како командна одговорност. Премиерот како надреден би бил одговорен само до колку се докаже или (има докази) дека тој го наведувал подредениот да прави недозволиви казниви дела, ова другото е индивидуален чин и тој не мора секогаш да знае дали подредените прават некои кривични дела, едноставно ако прават ќе си одговараат и толку, се друго е политика и млатење празна слама.
Премиерот во овој случај според мене постапи како што треба, како што многу мрчатори не очекуваа, едноставно ги закопа. Не знам што очекуваа. Побара да се почитува презумпцијата на невиност, истакна дека е убеден дека владата работела согласно законите и она најважното што одекна силно, ,,Нема веќе недопирливи“, тоа е таа силна порака на денот, изјава што ќе се памти долго во македонската политика. Ова е еден шамар, ма каков шамар бре ова е “шамарчина“ за сите оние кои ги слушавме во бомбите како прават кривични дела, онака фатени со спуштени гаќи па не признаваат, сечено, лепено и монтирано како беше зборавив, за сите оние кои наоѓаа влакно во јацето па сега не можат да признаат и да се соочат со фактот дека најголемите босови на македонското подземје и политика се во Шутка, Таму е Сашо, таму е Орце, оние двајцата разузнавачи што избегаа во Грција, дека правдата иако спора ама ќе биде достижна, дека само во изминатата седмица МВР имаше бројни акции на заплена на опојни дроги, операцијата со пасошите “двојник“, пред тоа акцијата “планина“ и така се по ред, да нешто сериозно се случува, објавена е војна на криминалот и корупцијата, општеството почнува да се чисти, така ќе биде тоа и во наредниот период, многу луѓе од политиката кои се уште се тука некаде полека ама сигурно ќе ги снема или ќе се повлечат, Македонија сепак е земја членка на НАТО, земја која доби политичка одлука од Брисел за започнување на преговорите, многу работи ќе се менуваат во периодот прд нас. Едноставно, ништо веќе нема да биде исто, бидете убедени во тоа.
м-р Глигор Стоименов