Ветеринарната комора бара продолжување на рокот за аплицирање за субвенции во сточарството до 30 јуни

Ветеринарната комора на РСМ поднесе Барање до министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство за продолжување на рокот за поднесување апликации за субвенции во сточарството до 30.06.2021 година.

Како што информираат од Комората, Барањето е поддржано од Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје.

-Следејќи ја динамиката на реализација на активностите поврзани со пописот и здравствената заштита на овците и козите, Ветеринарната комора до министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа поднесе Барање за итно продолжување на рокот за поднесување субвенции до 30 јуни 2021 година. Барањето е аргументирано со каснењето на отпочнувањето на активностите, епидемиолошката состојба во изминатиот период и други објективни причини, вели претседателот на Комората, Томислав Николовски.

За поднесеното Барање, според него, се известени и директорите на Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Барањето е објавено на веб страницата на Ветеринарната комора и на нејзината офицјална фејсбук-страница.

-Веруваме во позитивен исход и апелираме до одгледувачите на добиток да бидат трпение, истакнува Николовски.

Рокот за поднесување барања за субвенции во сточарството е до 31 мај 2021.

Back to top button
Close