Во светот досега инјектирани 1,5 милијарда дози вакцина против Ковид-19

– За шест месеци, од почетокмот на националните кампањи на имунизација, во светот се инјектирани повеќе од 1,5 милијарда дози вакцини против Ковид-19, јавија француските медиуми.

Најмалку 1.500.017.337 дози се инјектирани во 210 земји и територии низ светот, посочуваат официјалните извори, додавајќи дека речиси 60 проценти од овие дози биле употребени во три земји, Кина (421,9 милиони), САД (274,4 милиони) и Индија (184,4 милиони).

Според бројноста на населението во имунизацијата предводи Израел, каде речиси секој шестти од десет Израелци е целосно вакциниран. Потоа следат Велика Британија (54 проценти од населението добило барем една доза), Бахреин (50 проценти), САД (48 проценти), Чиле (47 проценти) и Уругвај (40 проценти).

Во Европската унија се инјектирани повеќе од 200 милиони дози или 32 проценти од населението, наведуваат француските медиуми, а тоа е процент што е далеку зад Малта (65 проценти од населението добило барем една доза) и Унгарија (49 проценти), како најдобри во имунизацијата меѓу 27-те земји членки. Најнаселените земји во ЕУ се движат околу просекот од 32 отсто: Германија (37 проценти), Франција (31 процент), Италија (32 проценти) и Шпанија (33 проценти).

Секој ден минатата недела во ЕУ се инјектирале 3,9 милиони дози. Вкупно, приближно 14 проценти до 1,5 милијарди дози инјектирани ширум светот се администрираат во ЕУ, која има помалку од шест проценти од светската популација.

Четири месеци по почетокот на кампањите за вакцинација, на 25 март,  во светот беа имунизирани 500 милиони лица, за потоа за помалку од еден месец оваа бројка да се удвои, а за нешто повеќе од три недели да достигне и 1,5 милијарда инјектирани дози.

Единаесет земји се уште не почнале со вакцинации: шест во Африка (Танзанија, Буркина Фасо, Чад, Бурунди, Централноафриканска Република, Еритреја), две во Океанија (Вануату, Кирибати), две во Азија (Северна Кореја, Туркменистан) и една на Карибите (Хаити).

Back to top button
Close