Јохансон: ЕУ работи со Тунис и Либија на нови мигрантски договори

– ЕУ работи со Тунис на договор што ќе и понуди економска помош во замена за засилени напори за запирање на мигрантите кои доаѓаат во Европа, изјави еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон.

Таа за италијанскиот весник „Ла Република“ изјави дека во моментов се водат разговори за сличен договор и со Либија.

Италија ги повика земјите од ЕУ да помогнат во управувањето со растечкиот број мигранти кои пристигнуваат на нејзините брегови, главно од Тунис и Либија.

Јохансон кажа дека Брисел работи на организирањето „мрежа за доброволна помош“  ова лето, додека не се постигне потрајно решение на ЕУ за распределување на мигрантите, но дека „работи и на блокирање на заминувањето на мигрантите“. Тоа значи дека се работи на склучување нов договор со Тунис за мигрантите до крајот на годината.

-Заедно со италијанската министерка за внатрешни работи, Лусијана Ламоргаѕе, денеска ќе бидеме во Тунис на разговори за глобален договор што, од една страна, на земјата ќе и овозможи да закрепне од тешката економска криза предизвикана од коронавирусот и ,од друга страна, да и обезбеди ресурси за борба против трговците со луѓе, изјави Јохансон за весникот.

Таа додаде дека ќе има пари од европски фондови за економија, инвестиции и вработување, а туниските власти ќе се посветат на граничното управување за да ги земаат назад своите граѓани кои заминале во Европа и да ги вратат странците во нивната земја кои не се бегалци“.

Таа рече дека ЕУ, исто така, разговара со либиската Влада и премиерот Абдулхамид Џејба за нов договор за миграција од нивните брегови, додавајќи дека мисли дека „не треба да чекаме до изборите во декември“.

Back to top button
Close