Минатата година 55 милиони луѓе се раселиле во сопствената земја

– И покрај пандемијата на коронавирусот, бројот на луѓе кои морале да се отселат во други региони во нивната земја нагло се зголеми ширум светот минатата година.

Околу 55 милиони луѓе ширум светот се раселиле во своите земји на крајот на 2020 година – повеќе од кога било досега, соопшти денеска во Женева Центарот за следење на внатрешното раселување (ИДЦМ).

Една година претходно, 45,7 милиони бегале од војна и природни катастрофи во нивната земја.

Во 2020 година, конфликтите и катастрофите предизвикаа 40,5 милиони нови внатрешни раселувања низ 149 земји и територии, а бројката вклучува и луѓе принудени да се селат повеќе од еднаш.

– Шокантно е што минатата година секоја секунда некој бил принуден да го напушти својот дом во својата земја, изјави генералниот секретар на Норвешкиот совет за бегалци, Јан Егеланд.

– Особено загрижувачки е што овие високи бројки беа регистрирани во позадината на пандемијата на Ковид-19, кога ограничувањата на движењето го попречуваа собирањето податоци и помалку луѓе бараа засолништа за итни случаи поради страв од зараза, додаде директорката на ИДМЦ, Александра Билак.

ИДМЦ соопшти дека ескалацијата на насилството во Мозамбик и Буркина Фасо, како и постојаните конфликти во Сирија, Авганистан и Конго довеле до масовни нови бегалски движења, а раселување предизвикале и природните катастрофи.

Ова го вклучува циклонот Амфан во Азија и други силни бури во Централна Америка и Карибите, додека во Африка и на Блискиот исток, милиони ги напуштија своите домови поради поплави.

Back to top button
Close