„Интимно понирање“ – самостојна изложба на Трајче Чатмов во МКЦ

– Самостојната изложба насловена „Интимно понирање“ на Трајче Чатмов ќе биде отворена вечер во 19:30 часот во Галерија МКЦ.

– Во рецентните ликовни дела од својот креативен опус, авторот Трајче Чатмов го третира апстрактно-фигуративниот експресионизам како стилска определба и ликовен израз во кој е доминантна гестуалната акција и интензивниот, чист и звучен колорит, соопшти тимот на МКЦ.

Од ликовно-технички аспект, додаваат, структурата и композицијата во неговите слики е динамично, вешто и инстинктивно градена.

– Авторот следејќи ги своите креативни импулси и размисли се обидува бргу да ги зароби и визуелно да ги транспонира во дела со моќна сугестија и сензибилитет. Едноставниот, стилизиран цртеж на најчесто антропоморфни и зооморфни претстави како и живиот, раскошен колорит со употреба на интензивна гама на сини, цинобер, кармин, жолти, зелени и виолетови тонови, нанесени во густи, пастуозни слоеви со хроматска рамнотежа се негов најмоќен сликарски адут. Бојата е најчесто пастуозно нанесена, во густи слоеви и сигурни потези со употреба на црна, некаде бела или црвена за нанесување на контурите и потенцирање на движењето. Преку неа, Чатмов создава единствена колористичка, експресионистичка сензација и драма за набљудувачот, сугерирајќи му чувство како да го гледа светот низ стаклена призма низ која се прекршуваат сите бои на виножитото, се вели во соопштението.

Неговата сликарска визија, пак, додаваат, поаѓа од реалноста, која тој преку низа трансфигурации ја крши, разглобува и деконструира со наивност и жар на љубопитно дете, притоа останувајќи докрај доследен на првобитната наративна сторија.

– Со вистинска страст и бескомпромисност, Чатмов го интерпретира својот внатрешен креативен агенс, еклектично ги поврзува и спојува сите детали создавајќи приказни за свет што е минлив и подложен на промени, свет што повикува да биде истражуван и откриен од набљудувачот. Тоа се чудесни, храбри и искрени слики исткаени од соништа, страст, дилеми, надеж и очекувања, слики што допираат до некои наши интимни микросветови, велат од тимот на МКЦ.

Трајче Чатмов е роден 1971 година во Скопје. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во класа на професор Рубенс Корубин. Магистрирал на истиот факултет под менторство на професор Родољуб Анастасов.

По завршувањето на студиите во 1996 се вработува како наставник по ликовно образование, во 1999 се вработува во Министерство за одбрана, поточно во Домот на АРМ – Скопје, прво како советник за културни активности, а подоцна и како раководител на тој објект. Во моментов е раководител на одделението за медија и мултимедија при Министерството за одбрана.

Своето прво самостојно излагање Трајче го има непосредно по своето дипломирање, во Домот на културата – Охрид во 1997 година во рамки на Охридско лето и со тоа започнува неговото претставување како академски сликар.

Покрај сликарството се занимава и со фотографија, анимиран филм и документарен филм, за што има добиено неколку награди во 1997/8 (најдобра камера и најдобра режија за кратокиот документарен филм „Времиња“).

Back to top button
Close