ЕУ склучи трет договор со „Фајзер“ за дополнителни 1,8 милијарда дози

– Европската Комисија соопшти утрово дека е склучен нов договор со фармаевтската компанија „Фајзер“ за дополнителни 1,8 милијарда дози вакцини до 2023 година, јави дописничката на МИА од Брисел.
Ова е трет договор на Европската унија со „Фајзер“/„БиоНТек“. Освен резервираните 1,8 милијарда дози, договорот предвидува опционални 900 милиони дози по потреба, од крајот на оваа година до 2023.
Европската Комисија нагласи дека овие вакцини треба да бидат адаптирани на евентуални нови соеви на вирусот.
Брисел, исто така, бара вакцините да се произведуваат во ЕУ и експлицитно гарантира достава на дози за земјите на ЕУ од почетокот на 2022, за да се избегнат проблемите што се појавија на почетокот од оваа година кога не се испорачаа ветените дози.
Овој договор, според Комисијата, ја зајакнува можноста за земјите членки да донираат дози на трети земји вон ЕУ или преку механизмот Ковакс.

Back to top button
Close