Вакцинирани над 206.000 граѓани

 На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 206.013 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 9.561 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 11.646 граѓани, соопшти Министерството за здравство.
Во државата вкупно се аплицирани 244.518 дози вакцини, а ревакцинирани се 38.505 граѓани. Со последните бројки, како што посочуваат од Министерството,  44,7 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 37 отсто од населението над 65 години е вакцинирано  со барем една доза вакцина.
– Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 390.330 граѓани, информираат од Министерството за здравство.
Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица и Охрид.
Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи, како што наведуваат, тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close