Радев ќе се види со Вучиќ во Димитровград, пред заедничкото патување со Пендаровски во Рим

Претседателите на Србија и на Бугарија в недела во Димитровград ќе откријат споменик на Кирил и Методиј

Српскиот претседател Александар Вучиќ во недела во Димитровград ќе се состане со бугарскиот претседател Румен Радев, јави МИА од Белград.

Како што соопштија од Канцеларијата за медиуми на српскиот претседател, Вучиќ и Радев прво ќе имаат тет-а-тет разговори, по што ќе се одржи пленарен состанок на делегациите на двете држави.

По состанокот со претставниците на бугарското национално малцинство во Србија, Вучиќ и Радев ќе откријат споменик на Кирил и Методиј, каде што ќе имаат и свое обраќање.

Двајцата претседатели ќе ја посетат и реконструираната зграда на гимназијата„ Св. Кирил и Методиј“ во Димитровград, соопшти Канцеларијата за медиуми на српскиот претседател.

На 26 мај (среда), пак, претседателите на С Македонија и на Бугарија заедно со бугарски авион ќе отпатуваат за Рим, за да го чествуваат Денот на светите браќа Кирил и Методиј.

„Заради здравствените протоколи што важат кај папата, не одиме баш на денот – 24 мај, ќе одиме на 26 и 27 мај. Мислам дека е еден добар симболичен политички гест од двете страни, малку да ја олабавиме атмосферата во пресрет на она што ќе претстои понатаму, разговори, преговори за блокадата. Значи, не е целта да преговараме, целта да чествуваме, едни од личностите кои дури и во комисијата на историчари не беа спорни“, изјави македонскиот претседател Стево Пендаровски.

Back to top button
Close