Јури Ким: Америка има вистински и храбар сојузник како Албанија
– Големата воена вежба „Defender Europe 2021“, по неколкуте градови, денеска „пристигна“ во албанскиот главен град Тирана, каде граѓаните имаат можност да видат многу изненадувања од копно и воздух.
На плоштадот „Мајка Тереза“ присуствуваат премиерот Еди Рама, американската амбасадорка Јури Ким, претседателот Илир Мета, министерот за одбрана Нико Пелеши и други познати личности.
Во своето обраќање амбасадорката Ким рече дека подготвеноста на САД гарантира зачувување на мирот и безбедноста на двете нации.
Додаде дека Америка има вистински пријател, силен сојузник како Албанија, додавајќи дека односите меѓу двете земји се многу важни.
-Ова е историски момент. Нашата подготвеност и способност гарантира спречување на конфликти, зачувување на мирот и безбедноста на нашите нации. Албанците и Американците работат заедно и се запознаваат едни со други. Среќна сум што нашите војници во униформа се чувствуваат исто како и ние дипломатите облечени во костуми во Албанија. Тие се горди што САД ја нарекуваат Албанија пријател и сојузник. Како пријатели и сојузници, американските и албанските војници беа едни до други во бројни конфликти. Од тие искуства знаеме дека Америка има вистински пријател и силен сојузник како Албанија, рече Ким.
Според неа „Defender Europe 2021“, отвора вистински пат за стратешка соработка меѓу Албанија и САД.
– Верувам дека успехот на „Defender Europe 2021“, ја одразува посветеноста на народот во Албанија, дека и покрај разликите, сите вие признавате дека сме во важен момент во историјата и оти сме обединети во нашите односи, дека овој однос меѓу САД и Албанија е важен. Ова се совпаѓа со 30-годишнината од обновувањето на односите Албанија-САД. Соединетите држави стојат со вас во вашите барања за независна и слободна Албанија. Ќе продолжиме да бидеме со вас додека преземате важни задачи. Овие задачи се тешки, но не и невозможни. Горди сме што сте сојузници со нас тука денес, рамо до рамо засекогаш, порача американската дипломатка.
„Defender Europe 21“ која почна на четврти мај а завршува на 9 јуни, е најголема до сега одржана воена вежба во западен Балкан, на која учествуваат 28 илјади војници, поголемиот број американски, како и од земји членки и партнери на НАТО.