Шаќири: Именувањето на политичари на високи раководни места доведува и до политички влијанија во постапките за вработување

Именувањето на политичари на високо раководни места понатаму доведува и до политички влијание во постапките за вработување со тоа што оваа постапка развива незадоволство. Затоа, со професионализацијата на менаџерските позиции ќе се оневозможи пренесување на политички влијанија од функционерите на администрацијата и останатите вработени во јавниот сектор, изјави  министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири, на денешната презентацијата на Извештајот од мониторингот на имплементацијата на препораките од извештајот за проценка на ранливост од корупција при процедурите за вработување во јавниот сектор.

– Фокусот треба да биде ставен на детектирање на можна злоупотреба на службена, политичка или друга положба заради помагање на членови на семејството, роднини, пријатели, соработници и други познаници заради остварување на корист или стекнување со положба или нивно поставување на влијателни функции без оглед на нивните компетенции, класификации и со занемарување на поставените критериуми, посочи Шаќири.

Дополни дека МИОА направила преглед на добиените препораки на Извештајот за проценка на ранливост од корупција при процедурите за вработување во јавниот сектор во посебен фокус на непотизам, кронизам и клиентелизам.

Соогласно извештајот, во периодот од јануари до март 2021 година, согласно методологијата, спроведен е мониторинг над спроведување на препораките. Мониторингот покажува дека од вкупниот број на препораки, вкупно 40,57% се спроведени делумно, додека 43% не се спроведени.

Највисоко ниво на почеток на спроведување е застапено во првата група која се однесува на Препораки за постапки на пополнување на работни места, преку постапка на вработување, постапка за унапредување и мобилност на вработените во јавниот сектор каде што 71% од препораките се делумно спроведени, 29% не спроведени.

Во втората и третата група кои се однесуваат на стручност и компетентност на кадрите во јавната администрација и препораки за избор и именување на Директори и членови на управни и надзорни одброи делумно започнало спроведувањето на половина од препораките. Додека, во четвртата група која се однесува на контролните механизми има делумна спроведеност од 31 процент и неспроведеност од  69 проценти.

Овој извештај е подготвен во рамките на проектот „Зајакнување на капацитетите на институциите во борбата против корупцијата“ спроведен од страна на Транспаренси Интернешнал.

– Проблемот со дискреционите овластувања во постапките за вработувања на работните места и влијанијата кои што се нотирани во оваа област претставуваат најголем проблем со кој што се загрозува довербата во државните институци, кажа Слаѓана Тасева, претседателката на Транспаренси интернешнал – Македонија, на денешната презентација на извештајот.

Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупција, истакна дека координираноста на институциите во однос на обезбедување на податоците сè уште не е на соодветно ниво, националната платформа за интероперабилност, во која што се вклучени 32 институции, не се користи ефикасно.

– Од анализата на податоците се забележува некое зголемување на активнстите и мерките кои што ги преземаат институциите во однос на спроведување на препораките, конкретно во вториот квартал на мониторинг иако процентуалниот износ покажува многу ниско ниво на разлика во однос на исполнување на препораките во првиот квартал, образложи Ивановска

Дополни дека во иднина треба да бидеме внимателни и кон делумно спроведените препораки бидејќи, како што кажа, тие се добра алатка да се замати дека „нешто се прави“, а ефектите ќе ги почекаме.

Генeралната оценка на Извештајот е дека постои зголемено ниво на преземени активности и мерки од страна на институциите, но, сепак постои ниско ниво на целосно спроведување на препораките.

Извештајот од мониторингот на имплементацијата на препораките од извештајот за проценка на ранливост од корупција при процедурите за вработување во јавниот сектор е финансиски поддржан од УСАИД во рамките на Проектот за граѓанско учество.

Back to top button
Close