Топ чанел: Албанското Собрание на 10 јуни ќе расправа за разрешувањето на претседателот Мета
Една од најгледаните албански телевизии Топ чанел, ексклузивно ја пренесува веста дека разрешувањето на шефот на државата Илир Мета на дневен ред на седница на Собранието ќе биде на 10 јуни. Според истиот извор, парламентарната анкетна комисија за испитување на прекршувањата на уставните надлежности на претседателот Мета, се очекува до Собранието до петок да го достави извештајот со предлог за разрешување.
Разгледувањето на извештајот ќе биде на 10 јуни што подразбира и гласање за разрешување на Мета на истата седница, наведува телевизијата.
Преходно потпретседателот на анкетната комисија и пратеник од Демократската партија, Мислим Муризи, изјави дека комисијата костатирала дека „претседателот Илир Мета ги прекршил уставните надлежности и оти треба да се разреши“.
Според него, претседателот бил контрадикторен со сите негови ставови и тоа е „неприфатливо за функцијата што ја извршува“.
Владејачките социјалисти на 1 мај почнаа со реализација на најавената иницијатива за разрешување на претседателот Илир Мета, кога ги собираа потребните 50 пратенички потписи.
Анкетната комисија парламентот ја формира на 7 мај со 97 гласови „за“, меѓу кои и пратеници од опозицијата. За разрешување на Мета потребни се 94 гласови. Одлуката потоа оди пред Уставен суд.
Мета одби да оди на сослушување во комисијата на 18 мај, со обрзложение дека „ја пропуштиле можноста тоа да биде на 10 мај, ден што тој го предложил“.
Во повеќе наврати кажа дека тој на функцијата останува до 24 јули 2022, односно до крајот на мандатот и оти секогаш се предводел од надлежностите што ги има како претседател.