Вучиќ за можноста Грција да го признае Косово: Немаме прецизни информации
Српскиот претседател Александар Вучиќ за шпекулациите дека Грција ќе го признае Косово, изјави дека „Грција го уверава Белград дека нема да ја признае независноста на Косово, но дека развојот на односите меѓу Атина и Приштина секако не е најдобрата вест“ за Србија, јави дописникот на МИА од Белград.
-Не би сакал да зборувам однапред дури и пред нешто да знаеме. Бидејќи има некои промени во односите, очекувам да видам дали во прашање е само трговска канцеларија или нешто повеќе меѓу Грција и Косово, како што велат тие, односно Приштина и Атина. Ќе видиме како ќе се одвива тоа, па ќе ја информираме јавноста, изјави Вучиќ за ТВ Пинк.
Вучиќ кажа дека „во наредните денови ќе има големи и важни консултации“ во Белград за Косово и дека потоа очекува продолжување на дијалогот со Приштина во Брисел, со посредство на ЕУ.
Запрашан за шпекулациите дека Франција „ќе ја земе диригентската палка“ кога станува збор за дијалогот меѓу Белград и Приштина, тој изјави дека ќе зборува за тоа во наредните денови и дека е важно за Србија да ги заштити своите државни и национални интереси.
-За сè друго во наредните денови. Ќе има големи и важни консултации тука во Белград,а потоа очекувам продолжување на дијалогот во Брисел, кажа Вучиќ во изјавата за телевизијата Пинк.