Бранот на коронавирусот е скршен во поголемиот дел од ЕУ, има се помалку заразени

Дојче Веле, Бон

Бранот на коронавирусот е скршен во голем дел од ЕУ. Вакцинацијата напредува, па сега забрзано се расправа за ковид пасошот и олеснетото патување. Секако, и тука може да се случи членките да влечат секоја на своја страна.

Бројот на нови инфекции се намалува, па шефовите на држави и влади на земјите членки на Европската унија велат дека се приближува „светлото на крајот од тунелот“, за кое зборуваат со месеци наназад. Со недели има се помалку нови инфекции низ цела Европа, па затоа е јасно дека бранот на коронавирусот е при крај. Шопинг, ресторан, кино, преку ноќ во хотел – во повеќето земји на ЕУ се повлекуваат ограничувачките мерки, а животот полека се враќа во нормала. Сето тоа со многу различни ограничувачки правила, каде што се потребни негативни тестови, од кога до кога тоа смееме или не смееме да го правиме или каде мора да се носи маска.

Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести, во повеќето делови на ЕУ, инциденцата на нови случаи на коронаворусот се движи меѓу 60 и 120. Оваа бројка го означува бројот на новорегистрирани инфекции во последните седум дена на 100.000 жители.

Во Франција, Шведска и балтичките земји, инциденцата е двојно поголема. Само Велика Британија, Финска, Португалија и некои острови се обоени во жолто – што укажува на земјите каде што инциденцата е меѓу 30 и 60.

Европската унија од почетокот на пандемијата нема заеднички правила и мерки, но сега лидерите на членките издадоа заедничко соопштение: „Брзината на вакцинациите е зголемена низ цела Европа и тоа треба да продолжи. Со подобра епидемиолошка состојба, тоа ни овозможува повторно да ги отвориме нашите општества. Но, ние мора да останеме будни “, се наведува во соопштението на 27-те шефови на држави и влади.

Од избувнувањето на пандемијата, на почетокот на минатата година, стана јасно дека здравствената политика е сè уште национално, често регионално прашање. Во Брисел добро знаат дека тоа нема да се промени.

-Бројките сега одат во вистинската насока, но некои земји имаа многу различни искуства со пандемијата, изјави естонската премиерка Каја Калас за Дојче Веле. Сега има помалку болни од ковид, вели таа, но фокусот треба да биде на луѓето кои ја изгубиле својата работа и психолошките последици од короната.

Пасош што ќе го олесни патувањето

На крајот на самитот на ЕУ, лаконски беше речено дека „обидите за натамошна координација треба да продолжат до лето. Овој „обид за координација“ се однесува првенствено на дигиталниот сертификат, што, исто така, се нарекува и зелен сертификат или ковид-пасош. Сепак, Европскиот парламент оцени дека не е соодветно таа картичка официјално да се нарекува „зелена“, па затоа сега се нарекува „дигитален ковид сертификат“.

Како и да се нарече, идејата е дека низ цела ЕУ, најдоцна од почетокот на јули, постои систем на дигитални лични карти во кои би се регистрирале вакцинациите, свежите негативни тестови, како и прележаните болести. Луѓето со вакви докази треба да патуваат непречено насекаде.

Меѓутоа, членките на ЕУ се согласија дека повторно можат еднострано да отстапат од овој принцип на отворени граници ако оценат дека епидемиолошката состојба се влошува.

Исто така, секој член одлучува точно какви слободи обезбедува дигиталниот сертификат на нејзината територија. Значи, може да се случи во некои земји да можете да одите во ресторан или концерт, но не можете да посетувате никого во болница или во дом за стари лица. Или обратно.

Всушност, Брисел само технички ќе создаде платформа што ќе овозможува меѓусебно да се признаваат и препознаваат националните ковид-пасоши. „Не се согласивме за тоа што треба да им се обезбеди на вакцинираните“, призна премиерката Калас во интервју за ДВ.

Во средината на јуни треба да се преиспитаат правилата за патување во рамките на ЕУ, како и патувањето од трети земји. Нејасно е дали ЕУ целосно ќе ги признае зелените сертификати од трети земји.

Голем вишок на вакцини до крајот на годината

Воопшто, натамошното олеснување на мерките во Брисел е поврзано со напредокот на вакцинацијата. Според шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, до крајот на неделава околу 46 отсто од граѓаните кои примиле барем една доза од вакцината ќе бидат во ЕУ. Сепак, процентите се многу различни – од Малта, каде 60 проценти од луѓето ја примиле првата доза, до Бугарија, каде тој процент е само 13,2 отсто.

Вакцините барем не недостасуваат. До крајот на годината, вкупниот број испорачани вакцини во ЕУ ќе достигне 2,6 милијарди дози – далеку повеќе отколку што е потребно за 450 милиони жители на Унијата. Затоа треба да се донираат сто милиони дози на светската програма за вакцинација Ковакс.

Преостантиот вишок на вакцини Ковакс ќе може да ги откупи од ЕУ и тоа преку донации од богатите индустриски земји. Тоа беше планот пред една година, кога Светската здравствена организација и ЕУ ја покренаа иницијативата. Европската унија планира да го поддржи производството на вакцини во посиромашните земји, како што беше договорено на Светскиот самит за здравје минатата сабота.

Во изјавата од самитот во Брисел не се споменува дури и иницијативата на САД за привремено укинување на патентот за вакцини. Ова првенствено го отфрлаат Германија, Франција и Холандија, каде што се слуша дека укинувањето на заштитата на интелектуалната сопственост не доведува до ништо кога нема производствени капацитети низ целиот свет.

Сериозен удар врз глобалната кампања за вакцинирање е што Индискиот институт Серум повеќе нема да го снабдува Ковакс. Според наредбата на индиските власти, отсега најголемиот светски производител ќе мора да произведува само за огромните домашни потреби. Се уште не е познато кој производител ќе ги надомести стотиците милиони дози во Ковакс, што требаше да пристигнат од Индија.

Back to top button
Close