МОН: Апелираме училиштата и општините да ги исплатат прекувремените часови работа на наставниците
Работата и посветеноста на наставниците треба да се вреднува и почитува, посебно во услови на пандемија кога сите заеднички вложивме максимални напори да имаме успешна учебна година. Министерството за образование и наука апелира до локалните самоуправи и училиштата да го почитуваат Законот и да ги исплаќаат надоместоците за прекувремена работа на наставниците, велат од МОН.
-МОН редовно и навремено ги уплаќа блок дотациите кон локалните самоуправи, согласно динамиката со којашто тие ги доставуваат барањата. Исто така МОН, уште во месец октомври испрати писмо до сите училишта со кое ги потсети на законските обврски дека за наставниците кои извршуваат работни задачи повеќе од полното работно време треба да им се исплати надоместок за прекувремена работа, за што се обезбедени средства.
МОН и претходно во повеќе наврати апелираше до општините да го почитуваат Законот и да го исплатат надоместокот.
Исто така МОН одговори, појасни и даде детални инструкции за постапување на секое училиште и општина која се обрати за барање за појаснување како да постапи во врска со пресметките за плата, велат од Министерството за образование и наука.