Сасоли: Сега е моментот длабоко да размислиме како да ја зголемиме нашата безбедност
– Фондот за закрепнување, функционирањето на ЕУ, демократиите во земјите членки, беа дел од темите за кои претседателот на Европарламентот, Давид Сасоли разговараше на средбите со грчката претседателка Катерина Сакеларопулу и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.
Сасоли заедно со претседателот на Европскиот совет, вечерва во Атина ќе присуствуваат на манифестацијата по повод 40-годишнината од членството на Грција во Европската унија, а во рамките на неговата посета се сретна со Сакеларопулу и Мицотакис.
Разговарајќи со грчката претседателка, тој истакна дека Европа се соочува со повеќе предизвици, а „придонесот на Грција е од фундаментално значење“.
– Поради една причина повеќе: многу се оние кои сакаат да нè разделат. Однесувањето на Турција, однесувањето на Белорусија, однесувањето и позицијата на Русија и на многу други авторитарни држави ни создаваат сомнежи. И сега е моментот длабоко да размислиме, да оцениме како да ја зголемиме нашата безбедност. Ни претстојат многу предизвици, рече Сасоли.
На средбата со Мицотакис, Сасоли истакна дека изминатите 15 месеци, за време на пандемијата „нè научија многу и ни одржаа многу лекции“, додаде дека се покажало што функционира, а што не, и дека е потребно „да се намали дистанцата меѓу Брисел и главните градови на земјите“.
Грчкиот премиер потенцираше дека последен пат кога Сасоли ја посетил Грција беше „за време на големата бегалска/мигрантска криза“, а тогаш земјата „ги заштити границите на Грција, границите на Европа“.