Правда за жртвите од Сребреница: Ратко Младиќ, „касапот од Босна“, доби доживотен затвор
Кога на почетокот од дведесеттите неодговорни југословенски политичари со своите зборови и дејствија ги распалија огновите на етничките војни, малку кој веруваше дека на крајот од крвавиот пир некој ќе биде повикан на одговорност. На Балканот, велат историските книги, никој никогаш на одговарал за предизвикување на војна. Додуша, не е многу поразлично од други делови на светот.
Во деветнаесеттиот век, англискитот политички мислител Џереми Бентам пишува дека ниту еден принц не бил повикан на одговорност затоа што предизвикал војна, но бројни се оние кои одговарале за склучен мир. Старата дилема на светската политика дека обичниот граѓанин одговара на суд за убиство на еден човек, а политичарот не одговара за смрт на милиони, сè уште не беше разрешена на почетокот од деведесттите. Ако тоа воопшто се случеше, злосторниците се повикуваа да одговараат пред таканаречени ад хок трибунали. Одговорноста за страотиите од Втората светска војна се бараше во два такви трибунала, Нирнбершкиот и оној од Токио. Во тромавата светска организација, ОН, тоа големо достигнување на човешкиот разум во вечна потрага по мир, со децении се влечкаа дискусии за создарвање светски суд кој ќе повикува на одговорност воените пиромани кои водат држави. Но, без некој резултат. Работите добија забрзување по етничките војни во Југославија и во Руанда, што конечно доведе до формирање на меѓународен трибунал за воени злострорства. Меѓунарподниот кривичен суд денес истражува, обвинува и суди поединци за геноцид, воени злосторства, злосторства против човештвото и агресија.
Стариот ад хок трибунал за Југославија продолжи со својата работа. Денес тој изрече пресуда врз Ратко Младиќ, српскиот командат во Босна познат по геноцидот во Сребреница, кога околу 8000 муслимански мажи и машки деца се систематски убивани во текот на четри пеколни денови и ноќи. Многу порано, како што е познато, Слободан Милошевиќ, политичарот кој ја турна Југославија во братоубиствена војна, неславно го заврши животот во ќелија на затворот Шевенинген во Хаг. Казни добија и многу други политичари и генерали од поранешните југословенски републики. Еден од нив, се сеќаваме, после изречената пресуда, се самоуби пред камери испивајќи отров. А на самиот почеток, во дведесеттите, тие, поттикнувачите на меѓунационална омраза и војна, беа толку силни што малку кој веруваше дека некогаш ќе им фали макар и едно влакно од главата на.
Големите сили мислат дека ќе го заплашат Милошевиќ со некаков меѓународен трибунал, ми вели остроумниот Лорд Карингтон на една од средбите на Конференцијата за Југославија со која претседаваше. Но, тоа нема да се случи, додава резигнирано. А, сепак, на големо изненадување дури и на иницијаторите од Запад, се случи токму тоа. И ние Македонците имавме свои осуденици во Хаг но наместо да ја научиме лекцијата за тоа дека и во војна има закони кои мора да се почитуваат, го игнориравме судењето на „нашите“ а осудените беа дочекани како херои по издржаните казни затвор.
Сè на сè, полека се затвора едно поглавје од борбата на човештвото за мир и правда. Правдата победи. Тоа е важно за светот, за Балканот и за Македонија. „Касапот од Босна ќе го помине остатокот од животот во затвор. Денес немаше врескање кон сведоците и роднините на жртвите од страна на Младиќ како на судењето во 2017: „ово су све лажи“, „јебачу вам матер“ (зборови дословно превземени од денешен лондонски „Гардијан“). Денес, на прашањето дали може да го следи судењето тој само помирливо рекол „Да, можам“. Сега ќе му се придружи на својот некогашен претседател Радован Караџиќ во издржување казна доживотен затвор.