Рациновото признание за 2021 за Милован Стефановски за романот „Теорија за кучешка година“
– Наградата Рациново признание за 2021 година се доделува на писателот Милован Стефановски за романот „Теорија за кучешка година“, наградата ќе му биде доделени во рамките на претстојните 58 Рацинови средби кои ќе се одржат од петок до недела во Велес. Добитникот беше избран во најсилна конкуренција досега меѓу 27 прозни дела од 26 автори издадени меѓу две Рацинови средби.
Жирито во состав Христо Петрески (претседател) и членовите Стефан Марковски и Делвина Крлуку, од пристигнатите на конкурсот избрале девет дела, од кои едногласно одлучиле престижната награда да му се додели на Милован Стефановски.
-Во својот најнов краток роман писателот Милован Стефановски одбира преку своевидно монолошко обраќање на син кон татко на индиректен начин на читателот да му ја пренесе целата приказна без притоа да се приведе ниту едно лично име, ниту конкретна локација или топоним, ниту пак временска одредница за тоа кога се случува дејството. Веруваме и се надеваме дека овој роман ќе заземе соодветно место во македонската романескна продукција со својата оригиналност, специфичност и полифоничност, потенцира Петрески.
Добитникот, 69 годишниот Милован Стефановски во изјавата за медиумите потенцира дека му претставува голема чест добивањето на ова значајно Рациново признание од повеќе причини, а најголемата и најважната е што токму признанието што се доделува на оваа манифестација што го носи името на големиот Рацин.
-Коста Апостолов Солев Рацин за припадниците на мојата генерација, a роден сум 1952 година, претставуваше еден вид книжевна икона која искрено и со голема почит ја примавме особено вљубениците во пишаниот збор, потенцира Стефановски.
Воедно појасни дека тој по двата родитела потекнува од Кичево, а во околината на Кичево е и Лопушник каде што местото на погибјето на ацин и тоа влијаело за негов посебен однос кон Рацин.
Појасни дека во неговата прва книжевна објава во 1978 година поетската книга „Ѕид пред бескрајот“ со којашто дебитирал во македонската книжевност поместена е и една песна со наслов „Лопушник“ посветена на Кочо Рацин.
-Со најновото мое книжевно дело речиси со рамносилна возбуда на тогашната ја примив веста дека токму „Теорија за кучешката година“ е добитник на значајното Рациново признание, потенцира Стефановски.