Изгубени илузии
“ Да се создаде владение за народот секако е полезна работа,но знам уште пополезна – да се одгледа народ за владение’(Ж.Ж.Русо)
Познавачите на политичката теорија укажуваат, дека демократијата не фаќа корен секогаш и секаде и дека за еден вака сложен процес се потребни посебни услови,односно високо цивилизирано и образовано општество. Во оваа смисла, Русо е во право кога говори за полезноста од одгледан народ како гарант за добро владение, затоа што ниту најдоброто создадено владение нема да даде плодови, доколку народот не е образован, не е на адекватно ниво тоа владение да го акцептира и да се однесува во согласност со премисите кои го одредуваат.Од овде,секое владение е одраз на општествените услови кои ги креираат самосвесни личности и нивната поврзаност околу заедничката цел како општо, јавно добро во државата. Најверојатно, токму отсуството на одгледан народ за владение е главната причина зошто кај нас се’уште не се пројавени придобивките на државноста и демократијата.Во изминатите три децении, општеството генерира појави кои се целосно спротивни на базичните принципи на демократијата.Од воспоставување плурализам на партии со етнички предзнак, преку меѓуетнички воен конфликт ( граѓанска војна?), промени на устав, отворени прашања со соседите, афери за корупција и криминал, масовно прислушување, контролирана јавност, суспензија на јавниот интерес… Наместо во демократска, повеќе од една деценија живееме во ‘заробена држава’како нус производ на неустроено општество во кое партијата/партиите, ги окупираа институциите на системот и ја обезвластија државата!
Изневерени очекувања
Процесот на ослободување на институциите по падот на “режимот” не се случи и покрај масовните протести на ‘шарените револуционери” и декларативните најави на владата. Долго очекуваните реформи беа иницијални и краткотрајни, заради отуство на државотворна свест и дефицит на професионален кадровски капацитет, неопходен за ослободување и рестититуција на институциите.Наместо ослободување, воспоставен е континуитет со политиките и кадарот на “режимот”. Институциите продолжја да ги полнат со партизирана наместо професионална администрација,паралелно со стимулирањето и негувањето на клиентилистички и поданички дух како замена за самосвесни и образовани општествени субјекти. Со таа востановена пракса на владение, целосно се изневерени очекувањата на граѓаните за етаблирање на нови политики и темелни престројувања на институциите на системот како гаранција за одбрана на државата и јавниот а не партискиот и интересот на поединци и интересни групи. Денес станува јасно, дека зад превезот на демократија имаме сурогат на власт – партократија.
Дадените ветувања се заборавени заедно со отпочнатите реформски процеси.Во оваа смисла изневерените очекувања се мултиплицирани, заради парадоксалниот но целисходен дисконтимуитет. Откажувањето од реформите беше партиски опортуно (мораше да се случи) за да се обезбеди континуитет со владението на “режимот” бидејќи цели триесет гдини само за такво владение е одгледан овој народ. Надежниот проблесок на “шарените револуционери” со исклучок на респектабилниот број на граѓани, многу брзо згасна,откако неколкумина најекспонирани репрезенти влегоа во централната и локалната власт. Денес,тие се костумосаниот дел од естаблишментот и најгласни апологети на партијата, спротивно на јавниот интерс.Токму ваквиот пресврт на “револуционерите” укажува дека во нивната револуција нешто било лажно и дека оганот не го потпалиле сами, туку некој им ја подал искрата.Таа искра тлеела и тлее во самосвесниот дел на општеството кој не престана да се залага за истите принципи, бара ослободување на институциите и се бори за јавниот интерес.Тоа се истите самосвесни и образовани граѓани, кои се грижат за јавниот интерес и се борат против загадувањето, сечата на дрва, уништувањето на животната средина и културното наследство.Се борат за просторот пред Холидеј Ин, Матка, Шара, Охрид, Струга, Преспа… Се борат за НУБ “Св.Климент Охридски” -парадигмата за состојбата во образованието.!
За образованието и културата на дијалог
Во современиот политички контекст, изреката на Русо за полезноста на одгледан народ за добро владение се поврзува со системот на образование кој во историски контекст секогаш бил обврска на државата. Но, кога станува збор за демократско општество обрзаванието се поврзува со културно – духовните и етички особини на граѓанинот. Етичката компонентна на образованиото е клучна во формирањето на самосвесни личности со изграден вредносен систем,независно дали образованието е разбрано како образ,личносно или образование во смисла на европското просветителство од осумнасеттиот век.Од овде, не случајно развојот на демократијата е поврзан со културно-духовните и етички особености на граѓаните без кои е невозможно градење на цивилизирано општество во кое владее ”самодисциплина, толеранција, спремност на дијалог со почитување на достоинството на другиот и различноста на ставовите, баланс помеѓу личниот интерес и доброто на сите, умешност на преговарање и управување со конфликтите на мирен и праведен начин”.
Сите овие особини како демократски потенцијал,се стекнуваат низ образовниот процес кој започнува од домот преку домашно воспитување па се’ до највисоките образовни институции. Иако стекнувањето на највисоките образовни степени и научни звања не секогаш (или доминантно) гарантираат и изграден демократски капацитет. Во историските околности на создавањето на државноста истовремено со воведување на нов демократски политички систем, кај нас се појави расчекор во образованието на генерациите воспитани и формирани во претходниот еднопартиски ситем и генерациите формирани после 1991година.Во обидот за “директен увоз” на образовни системи од демократски развиените држави, без претходно одгледан народ за владение, повеќе стихијни отколку суштински, се правеа “реформи на реформи”.Дополнително, во услови на трансформација на капиталот, неправедната распределба на општото добро,борбата за профит, брзо збогатување, стекнување дипломи а не знаење, манифестира недостаток на етичката компонента во образованието која е врзивно ткиво на општеството.Новите генерации се осиромашени заради слабата етичка подлога, не поседуваат идеал, урнек за чест и слава и затоа недостасува граѓа за создавање на демократско општество.
Сосема е јасно дека образованието е главната компонента која може да обезбеди демократски амбиент. Спротивно, без толеранција и култура на дијалог со почитување на достоинството на другиот, општеството има недостаток.На сите нивоа на општеството, отсуствува култура на дијалог но особено меѓу политичарите кои имаат клучно влијание во формирањето на јавното мнение.Поеднаставено кажано,ако изборите циклично претставуваат натпревар на понуди ,на политичкиот конкурент не треба да се гледа како на непријател туку како на достоен ривал, во духот на античката традиција: зошто некој би посакал да се натпреварува со противник кого не го почитува и смета дека не е достоен за борба? Имено, победникот го велича победениот, затоа што така победата е поголема и достоинствена.
Природно, низ историските процеси општествата се формираат во еден културен ареал кој автентично го изразува својот идентитет, потоа го чува и негува, а со државата го заштитува Културата е ризница на народите како пројавен субјект. Во таа смисла подемот и падот на цивилизациите е цикличен, но она што е создадено е трајна вредност која денес се пројавува како културно наследство заштитено со највисоките меѓународни конвенции на Унеско, бидејки има значение за целото човештво. Затоа нашето учество во овие вискокоцивилизациски процеси треба да се преиспита темелно за да не отпаднеме во небиднините на исчезнатите народи.
Слика за образованието е состојбата на НУБ” Св.Климент Охридски”!
Слика за културата е состојбата на Охридскиот регион!
Слика за државата е непостапување!
Донка Барџиева Трајковска