НСО Груп: Обвинувањата се исто како да ги критикувате производителите на автомобили кога пијани возачи ќе предизвикаат судир
– Израелската компанија НСО Груп денеска соопшти дека обвиненијата против неа се исто како и „критиките упатени кон производителите на автомобили кога пијани возачи ќе предизвикаат судир“.
Компанијата е мета на меѓународни критики откако беше објавено дека со нејзиниот шпионскиот софтвер Пегез наводно биле прислушувани 50.000 телефони на активисти за човекови права, политичари и новинари.
НСО Груп тврди дека листата со телефонските броеви е хакирана од нејзините кипарски сервери, но портпаролот на компанијата за Би-Би-Си изјави дека на Кипар нема сервери и нема никакви податроци за купубвачите на Пегаз.
Тој додаде дека таква листа воопшто не треба да постои и дека тоа е, „луда бројка“, бидејќи купувачите на тој софтвер обично имаат просечно сто цели годишно.
– Од формирањето на компанијата, немаме вкупно 50.000 цели, истакна портпаролот на израелската компанија.
НСО Груп истакнува дека софтверот е наменет за употреба против криминалци и терористи, и е достапен само на армијата, органите за спроведување на законот и разузнавачките агенции.
– Првичната истрага, што доведе до објавување на извештајот на невладината организација Забранети приказни со седиште во Париз и Амнести Интернешнл, беше полна со погрешни претпоставки и непотврдени теории, се посочува во соопштението на НСО Груп.
Истрагата на Гардијан, Вашингтон пост, Ле Монд и 16 други медиуми откри дека шпионскиот софтвер Пегаз на НСО Груп може да ја вклучи камерата или микрофонот на телефонот и да украде податоци од апаратот без знаење на сопственикот. Пегаз може да се инсталира од далечина без да треба да се наведува корисникот да го преземе, а откако ќе се вклучи, телефонот ефикасно се шпионира. Може да обезбеди пристап до апликации како што се ВацАп, Телеграм и Сигнал, е-пошта, текстуални пораки, Џи-Пи-Ес податоци и листата со контакти на телефонот. Софтверот им овозможува на оние што ја следат целта не само да го следат објектот и да откриваат со кого разговара и за што, туку и да имаат пристап до компромитирачки фотографии, што подоцна можат да бидат употребени за уцени.
Израелската Влада формира тим, кој ќе треба да ги испита наводите за сотверот Пегаз.