Враќањето на децата во училиштата може да биде и предизвик училиштата да ја развијат чувствителноста за социјалните и психолошките потреби на детето
Сите деца се различни, посебни и единствени. Она во што се слични е, „сите деца се плашат“, и „нема дете што ќе избере да остане дома, наместо да оди во училиште, ОСВЕН …

Во своите одлуки училиштето и родителите треба да се водат од фактот дека ниту едно дете, никаде во светот, нема да избере да остане дома, наместо да биде во училиште. Освен ако училиштето го доживува како закана по својот живот и интегритет. Освен ако се почувствува толку осамено, напуштено или загрозено што е принудено самото да избере да се исклучи и (само)изолира, за да се заштити.
Наша основна задача и обврска како возрасни, родители и стручњаци е од училиштето да создадеме средина и амбиент во кои децата ќе се чувствуваат прифатено и безбедно, дури и во услови на најголема криза. Во спротивно се почесто ќе се соочуваме со појавата децата да се плашат и да не се чувствуваат сигурно и конфорно надвор од домот.
Притоа, да не заборавиме, дека токму ние бевме тие што им го наметнаа долгиот период на принудна изолација, во името на заштитата и справувањето со ковид кризата, како единствено решние. Ние бевме тие што брзопотезно и брзоплето ги лишивме децата од се што за нив „живот значи“ – училиштето, пријателите, социјалните контакти „во живо“. И за тоа треба да ја преземеме одговорноста, со сите видливи последици по нивното ментално и социјално здравје, денес, еднаипол година потоа. Треба да го признаеме сопствениот пропуст, и бргу да реагираме. Затоа одлуката за враќање на децата во училиштата е добра и единствено можна и правилна одлука во моментот.
Што е тоа, што често го забораваме или не го знаеме, а си земаме за право да одлучуваме во име на детето:
1. Во услови на криза, децата се неми сведоци на се што се случува околу нив. И многу се плашат. Најмногу, да не ги загубат најблиските и да не останат сами. Во изминатата годинаипол нема дете во чија близина не се разболел или не починал некој познат или близок, а тие често беа сведоци и на несигурноста и беспомошноста на родителите, да се носат со кризата. Оставени дома, со единствената „тема“ за болеста, во нејзината најсурова форма, голем број деца одбиваа да го напуштат домот, уверени дека само така нивните родители и блиски ќе бидат во ред. Ги чуваа, и речиси бдееа над нивното добро, над родителите. Особено кога забележуваа дека нешто им се случува, дека се несреќни, или не се здрави. И никој со тоа не се занимаваше, никого не го заинтересираа детските стравови, во времето на пандемија. А знаеме, кога децата се плашат, дека тие ги немаат ни механизмите за проценка, ниту искуствата на возрасниот за успешно справување со стресот.
2. Во услови на криза, чувствителните деца стануваат уште почувствителни. Несигурните и приврзаните, уште понесигурни и поприврзани. Нивната пречувствителност, изразена низ нивното повлекување и самоизолација, во одбивањето да се дружат или да одат на училиште, прерасна во нормална реакција на ненормалните околности во кои живееја. И никому ништо. Плашејќи се дека нема да бидат разбрани и дека е подобро „да не разговараат за тоа“, тие се пасивизираа, заплеткани во своите катастрофички сценарија, без можности да ги разменат, артикулираат и да ги победат. Затоа што беа изолирани. Со единствениот излез во екраните, со кои како „најбезбедно“ да комуницираа. И на сето тоа ние не реагиравме, или не знаевме како?
Со други зборови, дистанцирањето на децата од кризата, беше исклучително штетна одлука, по нивната самодоверба, автономија, и развојни перспективи. Доколку не преземевме ништо, да ги вклучиме децата во структурирани активности и здрави рутини, тоа ќе резултираше во подигање на пречувствителни, уплашени и пасивизирани млади, кои со време ќе станат толку исцрпени, дистанцирани, незадоволни и несреќни, од агонијата на осаменост и беспомошност, што тешко ќе можат да ги препознаат и да се носат со сите натамошни предизвици.
Затоа е училиштето незаменлива средина за секое дете. И затоа останувањето дома е високо ризична одлука за секое дете.
Истовремно е факт дека нашите училишта никогаш не биле на висината на задачата во изразувањето емпатија кон чувствителните и поразлични деца, кои често знаеле да бидат оквалификувани како мрзливи, невоспитани или размазени. Додека самите имале сериозни проблеми на прилагодување, вклопување и учество во училишниот амбиентот на „владеење на посилниот“. И тоа во најкритичните години од својот живот.
Токму враќањето на децата во училишните клупи, во екот на ковид пандемијата, може да биде вистинскиот предизвик, а не закана, по унапредување на состојбите. Од една страна да го зголеми детското учество во сопствените животи, со што децата се зајакнуваат за справување со кризата и нејзините последици, Истовремено, тоа може да биде и предизвик за училиштата, да ја развијат чувствителноста за социјалните и психолошките потреби на детето, да станат пофокусирани на ученикот и на неговото здравје, и да започнат посуштинска соработка со родителите, за доброто на секое дете.
Сето тоа е многу возможно токму во околностите што ги наметнува ковид кризата.
Отвореноста на училиштата да се зафатат со овие прашања мора да оди рамо до рамо со отвореноста на родителите за соработка, и со нивната свртеност кон училиштето за поддршка. Наместо да ги проектираат своите стравови врз децата, растрчани по медицински белешки за оправдание на детсктото отсутво од училиште, родителите би требало да се охрабрат да се свртат кон училиштето за помош, кон она училиште што знае да возврати со отвореност за проблемите на детето, и со позитивни идеи за поддршка на несигурниот и беспомошен родител. Така се враќа самодовербата, така се враќа и довербата, во училиштето како здрава, инклузивна средина за секое дете, и во услови на пандемија.
Лина Ќостарова






