ВМРО-ДПМНЕ демантира дека Арсовска е бугарска државјанка
ВМРО-ДПМНЕ се јави со реакција по прес-конференцијата на која СДСМ објави документ, според кој кандидатката за градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, има бугарско државјанство од 2011 година.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не е првпат СДСМ, како што наведуваат, да мавта со лажни обвинувања за бугарски пасоши.
„Ваквата црна кампања досега е незапаметена и таа е последица на стравот од пораз на Шилегов и Заев.
СДСМ дрско лаже и манипулира за наводен бугарски пасош на Данела Арсовска. Во целост ги демантираме ваквите невистини и ниту една црна кампања, вклучително и таа во која вмешуваат членови на потесното семејство на Арсовска нема да им помегне да го одбегнат поразот. Потсетуваме дека не е прв пат СДСМ да мавта со лажни обвинувања за бугарски пасоши, тоа станува дел од нивната стратегија, додека Заев врши притисоци врз членови на историската комисија да потпишат тоа што Заев во четири очи договорил да продаде со бугарската власт. Ваквите лаги нема да го спасат ниту Шилегов од пораз и одговорност за прекумерното богатење додека е на државна функција. Четири стана и две хациенди е учинокот на Шилегов како градоначалник – се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, попладнево, на прес-конференција, објави документ од бугарското Министерство за правда, како доказ дека Арсовска, пред околу една деценија, се стекнала со бугарско државјанство, за што указот го потпишал вицепретседателот на Бугарија.
Пред првите парламентарни избори во Бугарија годинава, лидерот на бугарското ВМРО, Красимир Каракачанов, објави дваесетина имиња на бугарски гласачи, кои се исти како и имињата на поранешни и сегашни пратеници и функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Од ВМРО-ДПМНЕ тогаш тврдеа дека станува збор за лажна вест, со која тогашниот бугарски вицепремиер се обидувал да му помогне на Зоран Заев.
ВМРО-ДПМНЕ тогаш најавуваше предлог за законски интервенции со кои би се оневозможило лица со двојно државјанство да бидат пратеници. Од СДСМ, пак, возвратија дека би прифатиле таков предлог доколку тој важи и за овој собраниски состав.