На лицата со попречености да им се дадат еднакви можности во заложбите за изградба на едно општество за сите

Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби е ден кој беше промовиран од страна на Обединетите нации во 1992 година. Целта е да се зголеми свеста за подобро разбирање на луѓето кои се засегнати од некаков хендикеп, поттик на луѓето да бидат посвесни за правата, достоинството и благосостојбата на лицата со посебни потреби.

Според податоците на Светска здравствена организација, над една милијарда луѓе во светот живеат со некој вид на хендикеп. Стапката на инвалидност постојано се зголемува, поради стареењето на населението и глобалниот пораст на хронични здравствени состојби.

Во нашата држава се проценува дека 10 отсто или околу 200 000 жители се лица со инвалидитет. Здравствената и социјална заштита на лицата со посебни потреби има значајно место во секое организирано општество, не само од социјален и хуманитарен аспект, туку и од економски причини.

Земјите со пониски приходи имаат повисока преваленција на инвалидност за разлика од земјите со повисоки приходи. Попреченоста е почеста кај жените, постарите лица, децата и возрасните кои се сиромашни.

Отстранување на сите видови бариери, инклузивност во образованието, развој и поголема достапност на нови сервиси за поддршка, подигнување на капацитетот на сите институции, поголема вклученост во општеството, се само дел од предизвиците со кои лицата со посебни потреби се соочуваат секојдневно.

„Лицата со попречености да бидат дел од структурите за донесување на одлуките, да бидат директори, раководител(к)и, пратенички и пратеници, членови на Влада, членови на парламент. Да се крене рампата и да им се дадат еднакви можности во ова општество кое долго време гледаме дека се залага за изградба на едно општество за сите“, изјави претседателот на ЦИВИЛ, Џабир  Дерала, како дел од излагањето на јавниот настан „Рампа“, по повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби.

 

Back to top button
Close