Марко Ѓоргиевски за МИА: Нудиме можности за сите

Националната агенција за европски образовни програми и мобилност е јавна институција формирана со закон донесен од страна на Собранието на Република Северна Македонија. Програмските цели на институцијата се да работи на промоција и спроведување на европските програми во областа на образованието, обуката, младите и спортот во Република Северна Македонија.

Директорот Марко Ѓоргиевски во интервјуто за МИА одговара на повеќе прашања поврзани со работата на Агенцијата, но и за предизвиците во работењето.

– „Еразмус+“ е всушност името на програмата што ги обединува ЕУ-програмите за образование, обука, млaди и спорт во претходниот програмски период и продолжува со новата програма за периодот 2021-2027 година на европско ниво. Националната агенција со имплементација на оваа програма придонесува во развојот на заедницата како општество засновано на напредно знаење, со одржлив економски развој, повеќе и подобри работни места и поголема социјална кохезија, истовремено обезбедувајќи заштита на средината за идните генерации, а особено размена, соработка и мобилност во областа на образованието и обуката. Корисници на програмите можат да бидат: ученици, студенти, наставници, професори, обучувачи и друг персонал што е вклучен во кој било дел од образовниот процес, претпријатија и други правни лица, вклучувајќи ги и трговските друштва, стопанските комори и други здруженија на правни лица од областа на индустријата, истражувачки центри и тела, како и здруженија на граѓани и фондации, вели на почетокот Ѓоргиевски.

Кој е Марко Ѓоргиевски и што значи да се биде на чело на Агенцијата?

– Како млад човек подолг временски период сум гласен поборник за унапредување на едукативните процеси и квалитетот на образованието во нашата земја. Доаѓам од приватниот сектор, каде што искуството во изминатите десетина години ме научи дека само со одговорно и посветено работење, мотивиран тим и визија може да се дојде до квалитетни и одржливи резултати. Честа да се биде на раководната позиција на НАЕОПМ за мене претставува голема одговорност, а моја приоритетна цел е заедно со вработените да направиме позитивни промени за да креираме повеќе можности за сите и никој да не биде изоставен.

Еден период работењето на Агенцијата беше на тапет на јавноста и на истражните органи. Каква е сега состојбата, успеавте ли да го вратите работењето во текот по кој треба да се движи?

– Националната агенција како институција ја следат низа предизвици уште од самиот почеток на нејзиното формирање со постојан мониторинг на работењето од страна на пошироката јавност и соодветните европски институции. Постојано сме во контакт со надлежните институции и имаме отворена и континуирана соработка за потребните информации околу сите постапки кои се отворени, а за кои јавноста беше запознаена изминатиот период. Можам да кажам дека Националната агенција за европски образовни програми и мобилност ги суспендира сите проекти што се цел на истрага. Изминатиот период со јасна визија и воспоставена стратегија работиме на градење на довербата во институцијата што е производ на транспарентноста, отворените процеси, соработката и вистинското споделување и јакнење на европските вредности.

Што е ваш најголем успех изминатава година, односно од вашето доаѓање како директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност?

– Движењето на процесите во изминатата година, од моето назначување, се сет на донесени нови и подобрени мерки, процедури и прирачници, кои поставуваат високи принципи на професионално и одговорно работење во институцијата, овозможуваат максимална транспарентност и достапност кон корисниците и јавноста. Ги унапредивме процесите и постапките при доделување на средствата на Националната агенција согласно националните закони и програмскиот водич на Европската комисија, како и континуирана работа за поголема видливост во општеството и споделување на европските вредности. Во оваа насока донесовме и повеќе документи, а вредно за напоменување е исто и видливоста и транспарентноста преку нови канали на социјалните мрежи и исто така нова веб-страница на Европски солидарен корпус, која треба да се објави деновиве, односно се работи на постоечката веб-страница, која ќе прерасне во навистина модерен и пристапен веб-портал за сите. Дополнително оваа година (2021) со цел промоција на новата „Еразмус+ програма 2021-2027“, организиравме отворени онлајн презентации каде што се вклучија повеќе од 550 организации и институции кои се заинтересирани да учествуваат во програмата. Важно е да се напомене дека посветеното, транспарентно и отворено работење во насока на вклучување нови чинители кои имаат јасна визија и експертиза за да направат промени кон подобро утре можеме да го видиме во новите грантисти т.н. newcomers, кои за прв пат се добитници на проекти во програмските полиња. Во „Клучната акција 1 – Мобилности за учење на индивидуи“ од вкупниот број одобрени проекти повеќе од 50 проценти се newcomers, додека во „Клучна акција 2 – Соработка помеѓу организации и институции“ повеќе од 70 проценти се newcomers, на што сме навистина горди како агенција.

Кои се клучните приоритети на НАЕОПМ за 2022 година?

– Република Северна Македонија, заедно со Република Србија и Република Турција, е програмска земја корисник на „Еразмус+“ програмата и „Европски солидарен корпус“. Тоа значи дека како држава ги уживаме правата и обврските, односно ги имаме можностите и ресурсите како и останатите земји членки од Европската Унија. Лани од страна на Европската комисија беше донесена новата седумгодишна програма за периодот 2021-2027 години со буџет од повеќе од 28 милјарди евра на европско ниво. Како институција посветено работиме кон исполнување на поставените приоритети од програмата кои клучуваат интензивирање на така наречената зелена агенда и борбата против климатските промени, инклузија и разновидност со вклучување на различни општествени чинители и групи, унапредување на дигиталната трансформација како неминовна реалност која го следи нашето живеење, како и унапредување на процесите за суштински значајно учество во демократскиот живот. Кога би резимирал, би истакнал дека наш клучен приоритет е што повеќе чинители од нашето македонско општество вклучувајќи училишта, високообразовни институции, претставници на граѓанскиот сектор, млади и возрасни да ги препознаваат можностите кои ги нуди „Еразмус+ програмата“ да учат, да се обучуваат и квалификуваат со што ќе го подигнеме скалило погоре квалитетот на едукативниот систем во земјата. Важно е да се напомене дека Еразмус+ програмата нуди можности за сите, насекаде, со цел да се постигне развој на личен и професионален план. Затоа, да ги користиме искуствата на нашите европски партнери и да ги имплементираме секојдневно во нашиот национален систем со цел да креираме подобро утре за сите.

На кој начин се доделуваат средствата, која е политиката и начинот на доделување на средствата на НАЕОПМ, кој сè може да ги користи?

– Работните процеси што ги спроведува Националната агенција покрај од националните закони се строго утврдени во таканаречениот програмски водич за национални агенции во поглед на грантирањето различни проекти, кој е подготвен од страна на Европската комисија. Како институција, нашата работа е спроведување и мониторирање на процесот на подготовка, спроведување на повиците за аплицирање на национално ниво, обука на потенцијалните апликанти, како и соодветно известување кон Европската комисија поврзано со различните програмски активности што ги спроведува Агенцијата. Важно е да се напомене дека процесот на оценување на проектите се спроведува од страна на надворешни експерти – евалуатори, избрани на јавен повик, кои не се вработени лица во Националната агенција. Во оваа насока сакам да истакнам дека оваа година спроведовме транспарентна и отворена постапка за избор на надворешни експерти – евалуатори со точно утврдени критериуми, со што креиравме нова база на повеќе од 70 надворешни експерти. Ова претставува најголема база на експерти сите овие години од постоењето на Националната агенција, со што покрај подигнување на квалитативниот аспект на оценувањето директно дејствуваме на намалување на ризиците и потенцијалните судири на интереси, како и неетичкото работење во процесите на оценување. Од друга страна, сакам да ја посочам и квалитетната соработка со Министерството за образование и наука како наш национален авторитет. По квалитативната оценка од страна на надворешните експерти – евалуатори, следи оценетите проекти да бидат разгледувани од страна на евалуациона комисија, која е составена од лица предложени од повеќе државни институции. Евалуационата комисија го утврдува целиот процес, од аплицирање преку техничка документација и квалитативна проверка дали целиот процес е согласно утврдената постапка од Европската комисија. Во 2021 прв пат донесовме упатство за професионална работа на евалуационата комисија со што направивме уште еден чекор напред во насока на намалување на ризиците и унапредување на професионалното работење. По овие фази се издава решение за грантирање на проектите согласно утврдената ранг-листа, а Националната агенција е должна само да ги спроведе донесените одлуки од експертите и евалуационата комисија.

Како НАЕОПМ го следи развојот на лицата кои преку Еразмус плус имале можност да учествуваат на мобилности?

– Импактот што го прави програмата на лично и професионално ниво кај лицата вклучени во активностите можеме да го забележиме насекаде. Можеме да нотираме дека голем дел од студентите и младите кои се вклучиле во програмата имале можност да ги унапредат своите знаења на формален и неформален начин како и да ги унапредат своите вештини во повеќе области. Со тоа можеме да споделиме дека лицата кои учествувале на мобилности се задоволни од нивното учество во мобилностите. Во тој контекст би сакале да ги споделиме бенефитите за студентските мобилност кои биле реализирани со претходната Еразмус програма. Реализирани се над 2.000 студентски мобилности и студентски пракси и Согласно извештаите од студентите важно е да нотираме дека 96 отсто од студентите изразуваат позитивен импакт од реализацијата на мобилностите и праксите, 98 отсто од вкупниот број на студенти кои реализирале мобилности ги надградиле своите вештини во полето на студирање, надградување на јазичните компетенции има кај 96 отсто од студентите кои реализирале мобилност и вработливоста е подобрена кај 87 отсто од студентите кои по завршувањето со студиите се вработиле. Важно е да се напомене дека меѓународната мобилност е круцијална при првото вработување. Националната агенција останува посветена во насока на следење на успесите на лицата кои преку „Еразмус+“ програмата направиле промени за себе и своите врсници и околоната кон подобро утре.

Што би сакале да реализирате и како ја гледате НАЕОПМ следнава 2022 година?

– Европската комисија најави дека 2022 година ќе биде година посветена на младите. Во оваа насока продолжуваме и ние како агенција посветено да работиме кон креирање повеќе можности со цел да вклучиме повеќе лица кои ќе имаат можност да преку „Еразмус+“ се развиваат на професионален и приватен план. Тоа што сакаме да го постигнеме и преку програмите меѓутоа и преку мрежите со кои што менаџира Националната агенција е да креираме мост каде младите ќе воспостават врска и ќе бидат партнер на корисниците или на донесувачите на одлуки. Националната агенција има капацитет и може да придонесе во поквалитетни образовни процеси и така заеднички да креираме можности за сите каде секоја индивидуа ќе може да го исполни својот максимум потенцијал и ќе живее во добросостојба. Преку активна работа на четирите приоритети на Европската комисија за програмата Еразмус+ би сакале да придонесеме најмогу што можеме. Важно е никој да не биде изоставен. Мотото на програмата „Еразмус+“ е духот кој нè води кон подобро утре за сите „Enriching lives, opening minds”.

Back to top button
Close