Бугарија од денеска го презема претседавањето со Централноевропската иницијатива

Бугарија од денеска го презема претседавањето со Централноевропската иницијатива за период од една година, соопшти Министерството за надворешни работи на земјата на својата веб-страница.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, приоритетите на бугарското претседателство се поврзани со социо-економските последици од Ковид-19, подобрувањето на поврзаноста, младите и соработката меѓу локалните власти. За реализација на приоритетите во 2022 година ќе се одржат настани на високо и експертско ниво, како и средби на шефови на влади и министри за надворешни работи на земјите членки.

Централноевропската иницијатива е основана во Будимпешта во 1989 година, а седиштето е во Трст. Вклучува 18 земји-членки со површина од 2,4 милиони квадратни километри и население од речиси 250 милиони луѓе. ЦЕИ е првиот регионален форум на политичката карта на Централна, Источна и Југоисточна Европа, има најдолга историја и најголема територија меѓу сите регионални организации, процеси и иницијативи. 

Back to top button
Close