Македонците и Украина: Чорба со многу мирудии, а малку мевце!

Жал ме фаќа за оние мои драги сограѓани, Македонци – не се малку! – кои, од Милошевиќ наваму, постојано се „активно“ вљубени во политичари како Путин. Не се тие наивни, а ниту глупави, знаат дека никој во политиката не е светец, сведоци се и на бруталностите што нивните политички идоли ги спроведуваа(т) и дома и низ соседствата, но бидејќи политиката е, во принцип, „валкана работа“, зошто Путин би бил полош од кој било друг во светот – особено „лицемерите од Запад“ со нивните виетнами и ираци! – кога грчевито се обидува да ја врати одамна загубената слава на својата армија и нација? Па, макар и со тенкови и ракети, овој пат врз „братската“ Украина.

До некни, Путин во демократскиот свет се сметаше за само уште еден руски автократ, во долгата низа слични насилници и во руската и во светската политика. Но, од пред пет-шест дена Путин своерачно се „унапреди“ во надежен воен криминалец кому – веројатно во отсуство – ќе му се суди за воените злосторства што во моментов ги командува во Украина. Оваа војна, за жал, веројатно ќе трае долго и најстрашното допрва ќе следува. Но, да се нема сомневање, почетокот на крајот на Путиновата кариера, овозможен во директен пренос на стотици телевизиски и интернет канали, е сосема извесен.

Тоа и на самите Руси, без разлика на сите тамошни апсења и затворања на независните медиуми, полека им осамнува. Низ светот масовно се откажуваат спортски натпревари со руски репрезентации и тимови, од театарските и филхармониските репертоари се симнуваат делата на прославените руски уметници, Русија ја исклучија и од Евросонг, па дури и првиот рекет во светот, Русинот Данил Медведев, пред три дена јасно порача дека нему сега му е поважно „да промовира мир“, отколку да игра тенис. (За разлика од неговиот сонародник Дмитри Медведев, „десната рака“ на Путин, кој порача дека на Русија не ѝ се потребни дипломатските врски со Западот додека руската армија ја освојува Украина.)

А, погледајте го и самиот Путин, се изнагледавме руски видеа деновиве од него: нагло остарен и оседен, со подуплашени и пропаднати „стаклени“ очиња и без ентузијазмот на човекот кој се рекламираше дека со голи раце се бори со сибирски бели мечки. И со своите најблиски соработници разговара на безбедна оддалеченост од триесетина метри… Не ќе да е само од страв заради омикронот. Добро се познати параноите на диктаторите низ историјата. Проблемот е што овој социопат има и нуклеарно оружје под својата рака…

Сепак, „на цедило“ го оставаат, еден по еден, и оние од кои очекуваше решителна поддршка во неговата воинствена експедиција во Украина: Кинезите се воздржани, Казахстан му одби соработка, Орбан се приклучи кон меѓународните санкции, Ердоган јавно го осуди и му го затвори Босфор за руските воени бродови, па дури и Вучиќ внимателно ги бира зборовите за дистанцирање од него… Додик, Лукашенко? Тенка работа.

Погледајте го говорот во неделата во Бундестагот на германскиот социјалдемократски канцелар Олаф Шолц за да ја сфатите долгорочната опасна авантура во која за започнатата „војна на Путин со слободниот свет“ ќе нема ништо добро за Русите, иако малку што добро ќе излезе и за остатокот од светот.

Дури и Папата во петокот пешки, демонстративно, ја посети Руската амбасада во Ватикан – што е без преседан во историјата – за да ја изрази својата загриженост за војната што се разгорува во Украина, додека стотиците негови колеги православни великодостојници срамно си молчат како Украинците да се некое заборавено диво племе низ делтата на Амазон, а не нивна братска верска паства.

Комичарот Владимир од Киев, за сега, морално и политички го „гази“ диктаторот Владимир од Москва, одбивајќи да се предаде пред отворената закана за негова ликвидација. Како и да заврши украинскиот претседател (можеби ќе го замолчат додека го читате овој текст), за Зеленски ќе се снимаат херојски филмови за Оскар; за Путин тажни документарци на Хистори ченел.

Па, што, тогаш, ги влече голем број македонски граѓани, тоа разгневено малцинство по социјалните мрежи, во навивачката еуфорија за Путин?

Koлумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close