Украина ќе биде окупирана од Русите. Што потоа?
Поплавата“ од емотивно силно набиените вести за воените, политичките и хуманитарните случувања на боиштата во Украина и вистинскиот земјотрес што глобално го погоди светот поради воената агресија на Русија, не ја менува суштината на работите на терен: Русија е пресилен противник за украинската одбрана и, без разлика на херојството и жртвите на кои се подготвени Украинците или на почетното тактичко неснаоѓање (како што тврдат голем број западни воени аналитичари) на руската воена офанзива, треба да се претпостави дека, порано или подоцна, воената надмоќ на Русија ќе резултира со окупација на Украина. Во трагичните, разурнувачки детали, таа операција допрва ќе биде страшна, можеби ќе трае и со недели, но резултатот од таа нерамноправна борба е тажно предвидлив.
Но, тоа е можеби и полесниот дел од диаболичниот план на Путин. Вистинското прашање е што потоа? Што ќе прави Русија откако воено ќе ја пороби Украина?
Окупациите на земји од географска и популациска големина на Украина која, дополнително, е лоцирана на Европскиот континент, е голем „залак“ дури и за империјалните амбиции на една, историски погледнато, амбициозна окупаторска сила каква што е Русија. Таа е сега политички и дипломатски, а со извонредна брзина и економски најизолираната земја на светот. Овојпат, нејзината освојувачка амбиција не предизвикува никакво идеолошко воодушевување во светот, а во најдобар случај произведе воздржаност и резерви дури и кај нејзините најтрадиционални глобални сојузници, ако во тоа не се вбројат земји како Белорусија, Северна Кореја и Сирија. Ужасно е тоа друштво, по сите објективни критериуми. Дури и балканските проруски „џебови“ се бројат на занемарливи радикални антизападни групации, со целиот кафеански фејсбук-сеир што наскоро ќе спласне, откако ќе дојдат вестите за илјадници човечки драми што веќе ги произведува Путиновата воена машинерија.
А и што ќе прават Русите со самите Украинци? Нивното сегашно политичко раководство ќе мораат по кратка постапка да го ликвидираат или по импровизирани судења да го префрлат во некој Сибир, што само ќе ја ескалира омразата кон агресорот. Се разбира, Русија ќе најде локални колаборационисти кои ќе ја преземат власта во нејзино име, но раководењето со окупираните модерни украински милионски градови и стотици помали гратчиња и села, да не зборуваме за економијата и другите големи општествени сектори, ќе бара германска ефикасност, британска административна колонијална совршеност, американски финансиски ресурси и кинеска упорност и трпеливост. Русија не поседува ниту еден од овие критични квалитети.
…
Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука